Психолошки тестови можат да бидат зададени само од стручни лица - психолози и има многу стручни и одговорни лица што можат и знаат да задаваат тестови. Има стручни лица во нашата држава што можат и прават адаптација и стандардизација и има и такви што можат и знаат да изготвуваат нови тестови, вели професорката Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на УКИМ.
Фото: Pixabay
Укинувањето на психолошкото тестирање за кандидатите за директори на државните институции како услов за вработување со образложение дека нема стручен кадар кој ќе развие соодветни психолошки тестови ги налути психолозите од земјава. Собранието во јануари изгласа измени во Законот за административни службеници со кои се укина психолошкиот тест како услов за вработување на државните службеници.
- Во однос на психолошкиот тест, иако е често користена алатка за проверка на психолошките карактеристики на кандидати за определени работни места, проблем претставува фактот што во државата не постојат овластени правни лица што располагаат со соодветен стручен кадар кој ќе развие соодветни психолошки тестови за секоја различна работна позиција, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица – стои во образложението за предлог-законските измени кои се однесуваат на законите за образование.
За темата психолошко тестирање разговаравме со вонреден. проф. д-р Елеонора Серафимовска од Психолошката лабораторија при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на УКИМ. Таа вели дека психолошкото тестирање е тема која деновиве е многу често експлоатирана и тоа, за жал, од нестручни лица (непсихолози).
- Како психолог и како некој што последните години се занимава со стандардизација на психолошки тестови, се чувствувам повикана да кажам барем нешто кратко во однос на оваа тема – вели таа.
* Претходната Влада вметна психолошко тестирање кај државните службеници како услов за вработување, оваа Влада го укина со образложение дека нема стручен кадар што ќе ги направи тестовите. Како ја оценувате состојбата во Македонија?
- Во јавноста последните неколку години, а и денес, се појавија неколку дискусии за психолошките тестови и, за жал, поголемиот број од нив беа ставени во политички контекст. Како и тогаш, така и сега ќе го отфрлам секое поврзување на психолошките тестови со која било политичка гарнитура и со каква било политичка димензија и ќе зборувам од улогата на психолог кој работи во споменатата тема за дискусија.
Работам во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ во рамките на УКИМ) и уште пред повеќе од една деценија со мојата колешка Маријана Марковиќ ја оформивме првата Психолошка лабораторија, која освен со научни истражувања и обуки наменети за нашите студенти на последипломски студии, како цел си го постави и развивањето на психолошките тестови. Причина за внесувањето на психолошките тестови во визијата на Лабораторијата беше фактот (често повторуван во нашата фела) дека од осамостојувањето на нашата држава не е направено ништо особено во однос на адаптирање на психолошките тестови и дека ние си го немаме нашиот основен инструмент за работа. За изготвување нови не ни споменувам.
Фото: Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, професор Серафимовска
Вината, или барем одговорноста е пред сè наша, на сите психолози, но и на Институтот за психологија кој со години не охрабрува млади психолози да се вложат во оваа сфера, но и на Комората на психолози на РМ, еснафско здружение кое со години не беше функционално. Сепак, работите во последните 4-5 години се променија, иако ни оддалеку не се таму каде што треба да бидат. Комората на психолози од минатата година почна да функционира и веќе прави конкрeтни чекори во регулирањето на процесот на стандардизација на психолошките тестови; студентите на психологија се самоорганизираат во Здружението „Психеско“, кое покажа интерес за работата во областа на психолошките тестови, а ние, како Лабораторија при ИСППИ, веќе направивме адаптација и стандардизација на неколку тестови. Направивме и сериозни обиди да ја информираме пред сè нашата фела во однос на психолошките тестови. Изминатите две години организиравме два симпозиума на тема „Употребата на психолошките тестови во областа на здравството, социјалната работа, образованието и менаџментот на човечки ресурси“. На тие симпозиуми се разменија многу мислења и искуства и веќе произлегоа и некои конкретни активности и проекти.
Работите почнаа да се движат – барем во смисла на започнување со одредени правни регулативи. Но, кога оваа тема ќе ја допре политиката – тогаш веќе почнуваат проблемите. Па, имате шпекулации дека психолошките тестови бидејќи се направени во време на некоја политичка гарнитура - не се добри, ќе имате чудни изјави од типот - за да се вработат полесно луѓето во државната администрација не треба да има психолошко тестирање. Деновиве дури слушнавме и невистина дека нема стручни лица што би изготвиле психолошки тестови. Проблемот го гледам на две нивоа. Прво, како самокритична личност ќе тргнам од себе, па ќе морам да признаам дека имаме проблеми во рамките на нашата фела. Тука, за волја на вистината, има сè: неодговорно користење на психолошките тестови, нецелосна свесност за важноста да се применуваат само адаптирани и стандардизирани тестови... Другото ниво е приемот на оваа тема од страна на луѓе што се во позиција да носат важни одлуки (политички пред сè), а ниту се информирани и стручни ниту, пак, сакаат да се информираат, ниту пак се свесни дека им треба информирање. Или (за жал, морам и ова да го кажам отворено) - знаат дека треба да се информираат, ама не сакаат да го сторат тоа од некои само за нив важни причини. Сè додека се функционира на овој начин, ќе се случува одредено министерство да го препише психолошкото тестирање како задача на некои други стручни лица што не се психолози, друго министерство ќе мисли дека нема стручни лица за психолошки тестови, трето ќе има став дека воопшто не треба да има психолошко тестирање. А одговорот (верувам на сите психолози) е дека: психолошки тестови можат да бидат зададени само од стручни лица - психолози и дека има многу стручни и одговорни лица што можат и знаат да задаваат тестови. Има стручни лица во нашата држава што можат и прават адаптација и стандардизација и има и такви што можат и знаат да изготвуваат нови тестови. А психолошкото тестирање за тие што не знаат одамна се употребува во селекцијата на кадри, особено во одговорни професии.
* Објаснете ни што е психолошкото тестирање и како психолошкиот тест всушност ја „чита“ личноста која го решава?
- Психолошкото тестирање значи администрирање на психолошки тестови. Психолошкиот тест пак е „објективна и стандардизирана мерка на примерок од однесување“. Терминот примерок од однесување се однесува на перформансите на поединецот за задачи што обично се пропишани претходно. Примероците од однесувањето што го сочинуваат психолошкиот тест се низа на ставки/прашања/задачи. Перформансите на овие ставки даваат резултат од тестот. Се смета дека резултатот на добро конструиран тест е одраз на психолошки конструкт, како што е на пример постигнување во некој предмет на училиште, когнитивна способност, емоционално функционирање, личност итн. Се смета дека разликите во резултатите од тестовите ги одразуваат индивидуалните разлики во конструктот што тој тест претпоставено го мери. Едноставно кажано, ако тестот е конструиран да мери агресивност, тогаш низок резултат (поени) на тестот ќе значи неагресивна личност, а висок резултат би значел агресивна личност.
Фото: Pixabay
* За какви цели се применуваат психолошките тестови?
- Психолошки тестови можат и смеат да задаваат само психолози, дури некои тестови можат и смеат да ги задаваат само психолози со помината специјализирана обука за конкретниот тест. Во светот психолошките тестови се употребуваат во многу различни области и со многу различни цели. Се употребуваат во војска, полиција, здравство, социјала, образование, наука, менаџмент на човечки ресурси... Се употребуваат за професионална селекција, професионална ориентација, во дијагностички цели, психотерапија... Нивната примена денес веќе не може едноставно да се дефинира. Единствено што се бара од психолозите е да постапуваат по етичките кодекси при нивната примена.
* Може ли да се манипулира со психолошките тестови и дали се тие единствената алатка што се користи за процена на личноста?
- Доколку само се сфати дека врз основа на психолошкиот тест се поставува дијагноза и се одредува третман, се проценува дека детето може да тргне на училиште, се добива старателство, се врши вештачење, се проценува попреченост, се донесува одлука некој да се вработи... само тогаш ќе се одговори на прашањето колку е важно тестирањето. Иако, морам да нагласам дека тестот никогаш не се употребува изолирано во смисла без некои други техники за проценување, како интервјуа, набљудување и слично. Иако психолошките тестови се крајно важни, тие не се семоќни алатки (сѐ уште е можна нивна манипулација) и затоа секогаш покрај нив се применуваат и други постапки познати на психолозите.
* Пред неколку месеци на симпозиум за психолошките тестови истакнавте дека е важно тие да бидат стандардизирани и дека практично немаме такви. Зошто е потребна нивна стандардизација?
- Би кажала не само стандардизација, туку и адаптација и изготвување норми - сè се тоа термини што би требало да ги знаат и луѓето кои ќе се обидат да разговараат и дискутираат, а уште повеќе да носат важни одлуки за употребата на психолошките тестови во нашата држава.
Адаптацијата подразбира приспособување на тестовите настанати во други средини (географски, културни) на популацијата на која ќе се применуваат. Изготвувањето национални норми исто така зборува за една адаптација на странски тестови на локалната популација. Стандардизацијата подразбира изготвување стандарди за задавање и примена на психолошките тестови. Сите овие процеси значат многу работа, поминување неколку неопходни фази, временски траат релативно долго, бараат претходна стручност, голема посветеност и, секако, чинат многу. Ова го зборувам само за да нема заблуда дека станува збор за краткотрајни процеси кои се едноставни и не чинат многу. Нештата се усложнуваат кога станува збор за изготвување и конструирање нови психолошки тестови бидејќи таа постапка може да трае со децении.