Колумна: Одговорни наставни навики
Сите сме биле ученици и убаво се сеќаваме на времето кога со мерак и задоволство одевме на школо и со нетрпение ја чекавме средбата со нашите наставници. Немаше такви ситуации на одбивност, за да не се оди на школо, или од мрза или не знам од ситуација кога некого го болел прстот и сл. Не само што се случуваше ненамерно да задоцниме на прв час, гледајќи ја образовната емисија на тоа време „Ѕвон“, која беше одлична едукативна едночасовна програма со теми и случувања од школскиот живот и воопшто од образованието, ами знаевме да се извиниме што сме задоцниле и бевме искрени. Односно, знаевме да го изговориме културниот поздрав: Добар ден! Навечер, по даден распоред од наставниците, сами си ја редевме чантата со приборот за следниот ден, а домашните обврски ги завршувавме навремено и одговорно. Не, дека немаше неодговорни ученици, секако дека имаше и тогаш, меѓутоа, изнаоѓаа начини како да ги поправат лошите навики. Значи, одевме подготвени на школо, а не се чудевме кој час е сега и дали носам прибор за час по тој предмет.
Понатаму, како што беше обичај, во одделението мораше да владее разбирање и одговорност во смисла навреме да биде избришана таблата, да му се донесе креда на наставникот, да се проветри училницата и, секако, мирно без дерење и со повторување да се пречека предметниот наставник. Дежурните ученици си ги извршуваа обврските. Училницата знаевме и да ја светнеме, сами со сунѓерчиња, со сјај или кое било средство за хигиена... значи не чекавме некој да нѐ опомени, во краен случај, не дозволувавме да го налутиме наставникот, па тој да губи време од наставниот час за да води расправии и да дели совети како да бидеме паметни и разбрани ученици. Чкртање на школскиот инвентар, уништување од каков било вид, тоа не доаѓаше предвид затоа што во тој случај родителот ја намируваше штетата. Не паметам такви ситуации. Гуми за џвакање на час или во краен случај грицкање сончоглед под клупа беше најстрого казниво, просто не смееше да се помисли, а не, пак, за инает терај си по твое. Тоа беше ред и почитување на кодексот во училница, во училиште, па и надвор во дворот. За навреда и повишување глас на наставник важеше најстрога педагошка мерка, пред отстранување од школо. Не усна опомена, па писмена опомена итн., ами повторувањето на таа грешка уште еднаш доведуваше до ситуација ученикот да биде префрлен во друго школо, макар што немаше такви околности барем колку што ме држи сеќавање.
Недоразбирања имало и ќе има, ама до степен на бркање поретко. Учества на конкурси, работилници, екоакции, натпревари, тоа беше задоволство и радост за ученици кои постигнуваа подобри резултати во учењето и напредуваа... Воопшто, кога ќе се кажеше дека имаме некаква акција, работилница, одевме подготвени на школо, а не поспани и со рацете во џебовите. Да, постоеше интерес за школо, за учење, за читање книги (иако тогаш немавме мобилни телефони, како и други задоволства од скапи алишта, патики и сл.). Ама имавме култура и воспитание кои од дома ни ги всадија родителите и не смеевме да ги изневеруваме, затоа што на тој начин ќе бевме казнети. Токму тоа воспитание и култура нѐ направија луѓе, кои денес се соочуваме со сосема спротивни вредности од тие што ги имавме како генерација на 80-тите и 90-тите години. Што од тоа останало денес? Со што да се пофали денешната млада генерација? Просто, жалосно, безвредносно, без етика и морал. Никој ништо не слуша, никој не почитува совет, меѓучовечките, воопшто меѓуученичките односи се нула. Нема другарство, нема пријателство... Да тргнеме од поголемите за да видиме како тоа се одразува на помладите. Наместо да се земе пример од подобриот и поискусниот, кај нас од тоа ништо. До каде вака ќе одиме, заклучете и проценете сами. Ако личната свест и совест не проработат, иднината ќе остане заробена во незнаење, неискуство, недисциплина и безредие. Направив една споредба, чисто за потсетување, за една генерација која чуваше и негуваше одговорни наставни навики со една генерација што нема емоции, а не пак да покаже навики. Е, до толку сме стигнати. Стигнати сме навечер да кажеме: Добар ден наместо Добра вечер. Или, доколку му се соопшти на ученикот слаба оценка, тој ќе возврати: ми е гајле. Мора да се изрекуваат педагошки мерки и да важат опомени. Барем да се тргне во некоја насока. Толку!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик