Елена Каранфилоска е во топ-10 на Светската серија на скајранинг трки: „Кога ќе го видам нашето знаме меѓу најсилните нации во светот, се потсетувам колкаво значење има сето ова“

Елена Каранфилоска е во топ-10 на Светската серија на скајранинг трки: „Кога ќе го видам нашето знаме меѓу најсилните нации во светот, се потсетувам колкаво значење има сето ова“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Една од моите цели за годинава е да настапам и на Светското првенство во скајранинг, како и на Европското првенство во планинско трчање. Сакам да продолжам да се развивам во истата насока, да бидам поконстантна, технички посилна и ментално уште постабилна, да подобрам голем дел од слабите точки од претходната сезона и да се доближам уште повеќе до врвот во вкупниот пласман на светско ниво. Најважно ми е да бидам присутна на местата што ме предизвикуваат, ме прават подобра, и постојано да ја поместувам линијата на своите можности, ни изјави Елена Каранфилоска.

Да се зборува за спортските успеси на Македонија денес значи да се зборува и за постигнати резултати на европско и на светско ниво. Токму таму, меѓу најдобрите и најсилните, минатата година за свое место меѓу елитата се избори Елена Каранфилоска, македонска шампионка во спортската дисциплина скајранинг. Со настапи во елитните светски трки, европски првенства и со доминација на домашната сцена, таа покажа што значи да си врвен спортист, во континуитет, со посветеност, истрајност. На крајот од годината, по сите трки и првенства, таа заврши на деветто место во Светската серија на скајранинг трки.



- Овогодишната сезона беше најдобра за мене лично, трчав со очекување дека ќе бидам подобра од претходната трка, тоа што имав можност да трчам до елитни тркачи беше предност и мотив плус за настап во оваа светска серија на скајранинг трки. Фокусот ми беше на континуитет на формата од трка на трка, и секако дека од повеќе аспекти ова е голем успех и за македонскиот скајранинг. По ваква сезона, логичниот чекор напред за мене е повторно да бидам дел од Skyrunner World Series во 2026. Би сакала повторно да учествувам на дел од тие 24 трки на четири континенти, таму најмногу напредувам, конкуренцијата е најсилна и најмногу учам за себе. Да го искористам целото искуство што го стекнав на претходните трки, за што поуспешен настан на следните. Покрај тоа, една од моите цели за годинава е да настапам и на Светското првенство во скајранинг, како и на Европското првенство во планинско трчање. Тие настани имаат посебна тежина и би биле важен дел од мојата спортска приказна. Сакам да продолжам да се развивам во истата насока, да бидам поконстантна, технички посилна и ментално уште постабилна, да подобрам голем дел од слабите точки од претходната сезона и да се доближам уште повеќе до врвот во вкупниот пласман на светско ниво. Најважно ми е да бидам присутна на местата што ме предизвикуваат, ме прават подобра, и постојано да ја поместувам линијата на своите можности - ни споделува Елена.



Секоја трка има своја убавина

Ја прашавме дали има трка која би ја издвоила како најголем личен успех од минатата сезона?

- Ако морам да издвојам една трка како најголем личен успех, тоа би било Скајмастерс финалето - „Маратон на лудилото“. Тоа е екстремно техничка и тешка трка, финале на Skyrunner World Series, каде што конкуренцијата е најсилна. За воопшто да стартувам на таа трка, требаше да настапам на минимум четири трки од светска серија, што значи дека на стартот се појавуваат најдобрите од светот. Патеката ми беше позната од претходната година, но ова издание беше посебно, од старт до финиш се тркав со елитни атлети што ми биле инспирација. Темпото, тркањето и атмосферата беа неверојатни. Успеав да завршам на 6. место, а разликите меѓу позициите се мерат во само неколку минути, што го прави резултатот уште повреден. Покрај техничкиот терен, погледите беа прекрасни, а поддршката на окрепните точки ми даде дополнителна мотивација. Секако, секоја трка има своја убавина. Tatra SkyMarathon ми е една од најдрагите трки затоа што таму го освоив третото место - искрено, тоа беше големо изненадување и огромна мотивација за остатокот од сезоната. Monte Zerbion Skyrace, пак, е трка што повторно би ја трчала без размислување, трка која се карактеризираше со дупли вертикал каде што за 9 км се искачуваат 2200 м. Секако би ја споменала и Grignee SkyMarathon, екстремно техничка трка која се одржува на секои 2 години, трка која има чист скајрејс карактер. Сепак, на крај, впечатокот е комплетен кога ќе се направи таква комбинација на трки - ни раскажа Елена.



Да застанеш на стартна линија рамо до рамо со светската елита е чувство што тешко се опишува, вели таа.

- Од една страна, со огромна почит - знаеш дека покрај тебе стојат атлети кои години наназад поставуваат стандарди во овај спорт, атлети за кои можеш да бидеш сигурна дека се појавиле спремни на денот на трката. Тоа е момент што ме потсетува на вложениот труд, и уште колку многу можам да напредувам. Во тој момент, самата трка добива на тежина и вредност на крајот од денот, адреналинот и самодовербата се придружни во тие моменти. Според мене, тоа е единствено мерило за моменталната форма и спремност за таква екстремна трка - посочува Каранфилоска.

Немам пикови и падови во формата

Од целиот процес за подготовка најмногу ја изморува патувањето - долгите трансфери, раните станувања, менувањето транспорт и целото логистичко „жонглирање“ додека стигне до местото каде што се одржува трката.



- Понекогаш тоа ми земаше повеќе енергија отколку самиот натпревар. Најтешко е одржувањето на формата затоа што светската серија на скајрејс трки трае 8-9 месеци, па да се одржи форма за цел тој период е многу комплицирано, многу полесно е кога целиме кон една трка, меѓутоа, во оваа серија секоја трка придонесува за крајниот пласман - вели Елена.

Големо олеснување и помош има од страна на својот партнер Антонио, кој ѝ помага во целото планирање на тренинзите, патувањата и целиот процес за време на трките. А најголема предност за поместување на своите лични граници смета дека се континуитетот и посветеноста во овој спорт.



- Преку целата година тренирам на сличен терен како светските скајрејс трки, се фокусирам на мојата форма, и пристапот кон самиот спорт гледам да го одржам на максимално здрав и чист начин. Поради начинот на тренирање и консумирањето природна храна, немам пикови и падови во формата, што ми претставува предност за време на трките. Она што ме поттикнува постојано да ги поместувам сопствените граници е чувството на лична победа - моментот кога ќе сфатам дека можам повеќе отколку што сум мислела. Ме движи љубовта кон планината, кон предизвикот и кон напредокот. Секој тежок дел од патеката е нова лекција, нов доказ дека растам како атлетa и како личност. Желбата да си покажам дека местото меѓу најдобрите не е случајност, туку резултат на работа и посветеност, е мојот најсилен мотив. Мојата филозофија на тренинг е многу едноставна: конзистентност и без форсирање. Верувам дека напредокот доаѓа од редовна работа, ден по ден, без „магични“ тренинзи и без претерување. Најчесто се водам според тоа како се чувствувам, без притисок и по секоја цена да ја надминувам границата само за да исполнам бројка или план - подвлекува нашата соговорничка.



Да ја претставува Македонија на светска сцена е чувство што ја исполнува секојпат кога ќе застане на стартот.

- Не е само гордост, тоа е одговорност, мотивација и огромна чест. Кога ќе го видам нашето знаме меѓу најсилните нации во светот, се потсетувам колкаво значење има сето ова. А дека моите успеси инспирираат луѓе дома… искрено, тоа почнав да го чувствувам дури подоцна. Кога некој ќе ми напише дека почнал да трча, дека се охрабрил да проба планинска трка или дека моите резултати му дале мотивација, тоа е најубавиот момент. Тогаш сфаќам дека ова не е само личен успех, туку нешто што допира и до други. Тоа е дополнителна мотивација да се задржи спортот на достојно ниво, без кратенки и на најчист можен начин.
Тоа сознание ми е исто толку важно колку и секој финиш, можеби и повеќе - подвлекува Елена.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.