Видео покажува што прават жирафите кога има бура
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ако по нешто се препознатливи жирафите, тоа е нивната импресивна височина. Тие се највисоките цицачи во светот и можат да достигнат до 5,8 метри. Само нивниот врат може да биде долг речиси 2 метра, а младенчињата растат околу 1 метар во текот на првата година од животот. Но токму поради таа височина, жирафите понекогаш изгледаат беспомошно, особено за време на бура. Ново вирално видео го прикажува токму тоа.
Во снимката, стадо жирафи стојат среде силна бура во Националниот резерват Масаи Мараво во Кенија, со благо наведнати вратови додека дождот силно удира околу нив. Сцената покажува дека поради својата височина, тие често не можат да најдат засолниште за време на бура. Видеото предизвика силни реакции на социјалните мрежи, вклучително и емотивно тик-ток видео во кое една жена плаче додека зборува за тоа.
- Само што дознав дека жирафите се премногу високи и немаат каде да се скријат кога врне и кога има бура. Едноставно мораат да стојат таму. Повисоки се од повеќето дрвја, па не можат ни под нив да се засолнат. Како да не беше доволно тешко да си жирафа - вели жената на видеото.
Експертите смируваат дека жирафите не се во опасност за време на бури. Според Рене Мос, главен негувател на жирафи во зоолошката градина „Таронга“ во Австралија, седењето би било дури и поризично отколку стоењето, бидејќи им се потребни неколку секунди за повторно да застанат на нозе.
- Седењето на дожд би било уште поопасно бидејќи звукот на дождот може да го прикрие приближувањето на предаторите. Покрај тоа, станувањето од влажна и лизгава земја би било многу потешко - објаснува Мос.
Жирафите не се толку чувствителни ни на студот. Нивните карактеристични кафеави дамки не служат само за камуфлажа, туку и за терморегулација, благодарение на густата мрежа на крвни садови под нив.
Мос додава дека иако е добро што социјалните мрежи го свртуваат вниманието кон ранливите видови, вистинската закана за жирафите не е дождот. Многу поголем проблем се човечката експанзија и губењето на живеалиштата со оглед на тоа што жирафите изгубиле речиси 90 отсто од своето природно живеалиште во Африка во последните 300 години.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Freepik