Што открило истражувањето на руските научници - од што умираат космонаутите?

Што открило истражувањето на руските научници - од што умираат космонаутите?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во зората на 12 април 1961 година, од местото на кое денес се наоѓа најголемиот космодром во светот, Бајконур, Јуриј Гагарин со „Восток 1“ тргнал кон вселената.

Во април се одбележува 60-годишнината од тој настан и оттогаш 560 луѓе од 41 земја стигнале до ниската орбита на Земјата, надвор од ниската орбита на Земјата, па дури и до Месечината.

Познато е дека пред да заминат во вселената, космонаутите мора да поминат низа тестови за да се потврди нивната физичка и ментална подготвеност. Но, што се случува со нивното тело по враќањето на Земјата? Неколку истражувања се занимавале со влијанието на вселената врз телото на космонаутите, а еден од најновите извештаи дава одговор на прашањето од што умираат тие.

Извештајот е составен од Институтот за истражување „Измеров“, Федералниот медицински биофизички центар „Бурнасијан“ и Институтот за биомедицински проблеми. Составен е врз основа на податоци од 118 советски и руски космонаути кои биле под надзор од 1 јануари 1960 година до 31 декември 2018 година. Во тоа време 37 космонаути починале од различни причини.

Истражувањето открива дека 37,48 отсто починале од кардиоваскуларни болести, додека други 27,03 отсто им подлегнале на малигни заболувања (карциноми). 16,22 отсто од смртните случаи биле резултат на надворешни причини (несреќи). 5,41 отсто од смртните случаи биле ставени под категоријата „друго“, а причините за смртта не биле утврдени во еден случај. Просечната возраст на смртта била 64,4 години, земајќи ги предвид сите причини.

За време на рутинската обука за летање на 27 март 1968 година, Јуриј Гагарин загинал кога се урнал неговиот „миг-15 УТИ“, во кој беше заедно со Владимир Серјогин. Гагарин имал 34 години. Оттогаш, други шест советски и руски космонаути загинале во несреќи, вклучувајќи го и Владимир Комаров, кој починал во 1967 година кога падобранот „Сојуз 1“ не успеал да се отвори.

astronaut
Фото: Screenshot/YouTube

Космонаутите Георги Доброволски, Виктор Пацајев и Владислав Волков загинале во 1971 година при повторен влез во атмосферата на Земјата по одвојувањето од вселенската станица „Саљиут 1“.

Валентин Бондаренко и Сергеј Возовиков загинале во несреќи за време на тренинг во 1961, односно 1993 година.

Истражувачите заклучиле дека бидејќи сите починати космонаути биле активни во периодот на „зората на космонаутите“ (што значи дека нивните летови биле претежно кратки), има недостиг на информации за долгорочните процени на влијанието на вселенскиот лет врз здравјето.

Советскиот Сојуз и Русија опфаќаат речиси 51 отсто од вкупното време поминато во вселената, забележувајќи повеќе од 29.100 дена во орбитата. Од 34 советски и руски космонаути што поминале 365 дена или повеќе во орбитата, 24 се во пензија, а двајца починале.

Се очекува истражувачите да го претстават целосното истражување на 23. Симпозиум „Луѓето во вселената“ во Москва, помеѓу 5 и 8 април.

Извор: Nationalgeographic.rs
Фото: Wikipedia