Крвната група е важна за здравјето на срцето, вели науката

Крвната група е важна за здравјето на срцето, вели науката

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали ја знаете вашата крвна група? Вашата крв се категоризира во една од овие групи: A+, A-, Б+, Б-, O-, O+, AБ+ и AБ-.

Тековните истражувања за крвната група посочуваат дека можеби е поважна отколку што мислиме - барем кога се проценува ризикот за одредени здравствени состојби, особено срцеви заболувања. Овие невидливи разлики во крвта на некои луѓе може да им дадат предност во спречувањето на кардиоваскуларните проблеми.

Што значи крвната група и како се разликуваат крвните групи?


Буквите А, Б и О претставуваат различни форми на генот АБО, кој различно ги програмира нашите крвни зрнца за да формираат различни крвни групи. Ако имате крв од групата АБ, на пример, вашето тело е програмирано да произведува антигени А и Б на црвените крвни зрнца. Лицето со крвна група О не произведува никакви антигени. Се вели дека крвта е „позитивна“ или „негативна“ врз основа на тоа дали има протеини на црвените крвни зрнца. Ако вашата крв има протеини, вие сте Rh-позитивни.

Луѓето со крвна група О се сметаат за „универзални донатори“ затоа што нивната крв нема антигени или протеини, што значи дека секое тело ќе може да ја прифати во итен случај.

Но, зошто постојат различни крвни групи? Истражувачите не знаат целосно, но факторите како од каде потекнуваат нечии предци и инфекциите од минатото кои поттикнале мутации во крвта можеби придонеле за различноста, според д-р Даглас Гугенхајм, хематолог од „Пен медисин“. Луѓето со крвна група О може да се разболат од колера, на пример, додека луѓето со крвна група А или Б може да имаат поголема веројатност да доживеат проблеми со згрутчување на крвта. Иако нашата крв не може да биде во чекор со различните биолошки или вирусни закани кои се случуваат во реално време, таа може да го одрази она што се случило во минатото.

1
Фото: Freepik

- Накратко, тоа е речиси како телото да еволуирало за да се заштити што е можно подобро - вели Гугенхајм.

Крвни групи што најмногу се изложени на ризик од срцеви заболувања


Според Американското здружение за срце, луѓето со крвна група А, Б или АБ имаат поголема веројатност да доживеат срцев удар или срцева слабост.

Иако зголемениот ризик е мал (групите А или Б имале 8 отсто поголем ризик од срцев удар и 10 отсто зголемен ризик од срцева слабост, според една голема студија), разликата во стапките на згрутчување на крвта е многу повисока, според Американското здружение за срце. Луѓето од истата студија со крвна група А и Б имале 51 отсто поголема веројатност да развијат длабока венска тромбоза и 47 отсто поголема веројатност да развијат белодробна емболија, што се тешки нарушувања на згрутчувањето на крвта, што исто така може да го зголеми ризикот од срцева слабост.

Причината за овој зголемен ризик, според Гугенхајм, може да биде поврзана со воспаление што се случува во телата на луѓето со крвна група А, Б или АБ. Протеините присутни во крвта од групата А и Б може да предизвикаат поголема „блокада“ или „здебелување“ во вените и артериите, што доведува до зголемен ризик од згрутчување и срцеви заболувања.

Исто така, д-р Гугенхајм смета дека ова може да го опише анегдотското (но моментално неубедливо) намалување на ризикот од тешка болест на ковид-19 кај луѓето со крвна група О, што е инспирација за истражување. Тешката клиничка слика предизвикана од ковид-19 често предизвикува проблеми со срцето, згрутчување на крвта и други кардиоваскуларни проблеми.

Други последици од крвната група

Луѓето со крвна група О уживаат малку помал ризик од срцеви заболувања и згрутчување на крвта, но тие можат да бидат поподложни на хеморагии или нарушувања на крвавењето. Ова може да биде особено точно по породувањето, според студијата за постпородилна загуба на крв, која открила зголемен ризик кај жените со крвна група О.

krvna grupa
Фото: Freepik

Луѓето со крвна група О, исто така, може да поминат полошо по трауматска повреда поради зголемена загуба на крв, според студијата објавена во „Критикал кер“.

Други истражувања покажаа дека луѓето со крвна група АБ може да се изложени на зголемен ризик за когнитивно оштетување во споредба со луѓето со О. Когнитивното оштетување вклучува работи како проблеми со помнење, фокусирање или донесување одлуки.

Дали треба да го промените вашиот животен стил врз основа на вашата крвна група?

Иако достапните истражувања покажуваат дека крвната група може да ја намали скалата во однос на нечиј ризик за развој на срцеви заболувања, големите фактори, како што се исхраната, вежбањето или дури и нивото на загадување на кое сте изложени во вашата заедница, се главни во одредувањето на здравјето на срцето.

Д-р Гугенхајм вели дека за пациентите што се обидуваат да го одржат своето срце здраво, не постои посебна препорака што би им ја дал освен исхрана здрава за срце која го намалува воспалението, без оглед на нечија крвна група.

Но, тој забележува дека идните истражувања би можеле да понудат попрецизни начини на кои лекарите ќе ги третираат пациентите врз основа на нивната крвна група.

- Добро балансирана, здрава исхрана за срцето воопшто ќе биде она што секој лекар ќе го препорача, а јас би рекол дека АБО не го менува тоа. Мислам дека нема заштитна придобивка од самото постоење на крв од групата О - додава тој.

Извор: Cnet.com
Фото: Freepik