Центрите за податоци создаваат топлински острови - ја зголемуваат температурата на земјата во радиус од 10 километри
Центрите за податоци создаваат топлински острови кои ја зголемуваат температурата на земјата за неколку степени на растојанија до 10 километри, покажаа резултатите од неодамнешно истражување.
Тим од Универзитетот „Кембриџ“ ја испитуваше топлината што ја испуштаат големите центри за податоци. Нивното истражување, кое сè уште не е рецензирано, покажува дека температурата на површината на земјата околу дата-центрите била зголемена за 0,3 °C до 9,1 °C откако секој објект започнал со работа, со просечен пораст помеѓу 1,5° C и 2,4 °C.
Се проценува дека потрошувачката на енергија ќе биде удвоена до 2030 година
Овој ефект може да се измери до оддалеченост од 10 км, иако интензитетот е намален за 30 проценти на оддалеченост од околу 7 километри. Просечно месечно зголемување на температурата на копнената површина од 1 °C може да се измери до 4,5 км од типичен центар за вештачка интелигенција, што е споредливо со она што е воочено кај ефектите на топлинските острови во урбаните подрачја.
Потрошувачката за инфраструктура е зголемена за трипати во последните три години како одговор на опсесијата со вештачката интелигенција. Волуменот на капацитетите што се додаваат секој квартал порасна за 170 проценти до крајот на минатата година. Фармите за сервери би можеле да бидат еден од секторите со најголема потрошувачка на енергија во следната деценија. Се проценува дека потрошувачката на енергија ќе биде удвоена до 2030 година.
Влијанието на центрите за податоци врз животната средина веројатно нема да биде занемарливо. Истражувачите тврдат дека до 343 милиони луѓе во светот би можеле да бидат погодени, со последици врз социјалната грижа, здравството и енергетските системи.
Од друга страна, напредокот во технологијата би можел да го намали ефектот на топлинскиот остров преку енергетски поефикасна електроника или компјутерски методи кои ја прават обуката на вештачката интелигенција поефикасна.
Фото: freepik