На крајот од последната ледена доба на Антарктикот мразот се повлекувал со брзина од 50 метри дневно

На крајот од последната ледена доба на Антарктикот мразот се повлекувал со брзина од 50 метри дневно

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ледените плочи на Антарктикот се повлекувале со брзина од 50 метри на ден кон крајот на последната ледена доба, што е десет пати побрзо отколку денес, заклучија британските научници.

Проучувајќи ги моделите од гребените од морското дно околу Антарктикот, истражувачкиот институт „Скот Полар“ и Универзитетот во Кембриџ пресметале со која брзина се повлекувал мразот пред околу 12.000 години, во текот на последната ледена доба на Земјата.

Институтот „Скот Полар“ е центар за истражување на поларните подрачја и глациологијата во целиот свет. Резултатите покажале дека на некои места мразот се топел и со брзина поголема од 10 километри годишно, односно топењето се одвивало 10 пати побрзо од максималната набљудувана брзина во последните неколку децении.

Со помош на подводни роботски возила научниците ги истражувале гребените на морското дно, кои настанале за време на притисокот на мразот кој се движел и пловел во водата. Тимот успеал да најде нови докази за претходни повлекувања на мразот дури и во најчувствителните делови на Антарктикот денес.

- Сега знаеме дека мразот е во состојба да се повлече со брзина многу поголема од онаа што ја гледаме денес. Истражувачите предупредуваат дека доколку климатските промени продолжат да ги слабеат ледените плочи во наредните децении, наскоро би можеле да видиме слични нивоа на повлекување на мразот - повеќе отколку што се сметало за можно - со огромни импликации врз глобалното ниво на морето.

антарктик
Фото: Pixabay

Неодамнешно истражување од НАСА покажа дека ледените плочи на Антарктикот и на Гренланд изгубиле 118 и 200 гигатони мраз во просек годишно, што предизвикало искачување на нивото на морето за околу 2 сантиметри помеѓу 2003 и 2019 година.

Високите летни температури се главни виновници за оваа загуба на мразот, според НАСА. Високите температури го стопија мразот од површината на глечерите и ледените плочи.

Експертите велат дека ова ново истражување покажува дека со оглед на брзината со која се повлекол мразот во минатото, идната стапка на промени и повлекувањето на мразот би можеле да бидат значително поголеми отколку што претходно се сметало.

- Она што го покажува геолошкиот запис е дека стапките на промена можат да бидат значително побрзи од најбрзите стапки што ги забележавме со сателитскиот запис, што секако значи дека мразот во принцип може да се стопи во океанот побрзо отколку што мислевме - вели Џулијан Доудсвел, директор на институтот „Скот Полар“.

Експертите предупредуваат дека во текот на наредните три децении стотици милиони луѓе во светот ќе бидат изложени на ризик да ги загубат своите домови, бидејќи цели градови можат да потонат поради зголемувањето на морињата.

Научниците предупредуваат дека затоплувањето на планетата го забрзува топењето на глечерите и ледените плочи од Гренланд до Антарктикот и дека нивото на морето најверојатно ќе се зголеми повеќе отколку што било претходно предвидено до крајот на овој век.

Експертите велат дека порастот на нивото на морето најверојатно ќе надмине 90 сантиметри до 2100 година ако емисијата на јаглерод продолжи да се зголемува, а голем дел од 680 милиони луѓе низ целиот свет што живеат во крајбрежните области ќе имаат поплави во текот на годините до 2050 година.

Извор: Edition CNN