Политичките договори со соседите може да ни отсечат голем дел од јазикот, интервју со проф. д-р Марјан Марковиќ

Политичките договори со соседите може да ни отсечат голем дел од јазикот, интервју со проф. д-р Марјан Марковиќ

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Тоа би значело дека со политички договори би можеле да бидат исклучени двата најважни фактори за постоењето на еден комплексен адаптивен систем каков што е човековиот јазик - а тоа се просторот и времето

Без меморија и сеќавање нема развој. Сегашноста и иднината се базираат токму на искуствата што ги извлекуваме од минатото. Така е со човекот, така е и со јазикот. Ако го изгубиме просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик поради политички договори, условувања и реинтерпретација на историските и јазични факти, ќе го изгубиме минатото во име на некаква „посветла“ иднина. Дали може да имаме иднина ако немаме минато?


Проф. д-р Марјан Марковиќ

Ова се дел од размислувањата на проф. д-р Марјан Марковиќ, лингвист, македонист, славист и балканист, дописен член на МАНУ. Во интервјуто за Факултети.мк тој го претставува најновото издание на Академијата посветено на македонските дијалекти, зборува за значењето на ова издание, за менгемето во кое политиката го става македонскиот јазик. Поради важноста и актуелноста на Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА), поставен е на интернет-страницата на дигиталните ресурси за македонскиот јазик, а достапен е за слободно преземање и користење во електронска форма.

Деновиве од печат излезе „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на Општословенскиот лингвистички атлас – ОЛА)“. Како уредник на изданието, објаснете ни што содржи ова дело?

- Во Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА) се поместени 50 карти и легенди кои ја покриваат македонската дијалектна територија претставена во мрежата на населени пунктови во рамките на Општословенскиот лингвистички атлас – ОЛА. Се работи за 24 населени места, од кои 15 се наоѓаат на територијата на Р.С. Македонија, 1 на територијата на Р. Албанија и 8 населени места на територијата на денешна Р. Грција. Изборот на картите е направен во однос на тоа колкава е разнообразноста на називите што се јавуваат на македонската дијалектна територија и во однос на нивната поврзаност со другите словенски дијалекти. Иако картите на ОЛА (претставени со 850 населени места на цела словенска територија) се објавувани со знаци и симболи, во картите на овој атлас се давани целосните називи (во кирилична транскрипција) кои се јавуваат на македонската дијалектна територија (според ОЛА).



При изработката на легендите се водевме од неколку основни начела: објаснување на прашањето според прашалникот на ОЛА, во кој том е објавено и кој го обработил; потоа следуваат литературните називи во сите словенски јазици; се изделуваат називите на македонската територија и се дава нивната географска дистрибуција со соодветните ареали; се врши етимолошка (и семантичка) анализа на македонските називи. Доколку на другата словенска територија (а особено во непосредната околина) се јавуваат називи од истата основа, се дава објаснување и нивна географска дистрибуција. Исто така, доколку има видлива семантичка мотивација на одредени називи, се дава соодветно објаснување. Некои називи за кои не е најдена соодветна етимологија и/или оние што се јавуваат како поединечни не се предмет на анализа во легендите. На тој начин, следејќи ги наведените начела, авторскиот колектив на ИЦАЛ - Истражувачки центар за ареална лингвистика „Б. Видоески“ при МАНУ се обиде одново да го интерпретира и картографски да го прикаже македонскиот дијалектен материјал кој веќе е објавен во повеќе лексички томови на Општословенскиот лингвистички атлас. На тој начин, и визуелно и текстуално се прикажува непроценливото лексичко богатство кое во себе го содржат македонските дијалекти.

Колку време го подготвувате, кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте?

- Обработката на овој атлас траеше повеќе години бидејќи една од главните обврски на научните соработници на ИЦАЛ е обработка на материјали и карти за потребите на Општословенскиот лингвистички атлас, при што се врши анализа и картографска обработка на сите словенски дијалекти претставени во над 850 населени места на целата словенска територија – од Балтичко Море на север, па сè до Егејско Море на југ. Најголем предизвик беше фактот што на македонската дијалектна територија имаме голема лексичка разнообразност која е наслоена со векови и има различно потекло. Секако, најголем дел од називите можат да се реконструираат во однос на нивното прасловенско потекло, но како што сите знаеме, на македонската дијалектна територија се јавуваат и голем број туѓи називи кои се плод на многувековната интеракција со другите балкански јазици. Дел од нив всушност му припаѓаат на оној лексички слој кој навлегувал од разни страни поради специфичните културни, општествени и политички влијанија на кои постојано бил изложен македонскиот јазик и македонските дијалекти. Токму претставувањето и етимолошката и семантичка реконструкција на тоа огромно богатство претставуваше најголем предизвик, но и најголема награда со излегувањето на Атласот од печат.



Голем удел во ваквиот начин на обработка и претставување на македонските дијалекти имаше и акад. Зузана Тополињска, еден од најеминентните лингвисти-слависти и проучувачи на словенската лингвогеографија, која со своето огромно искуство и експертиза во обработка на лингвистички атласи даде голем придонес за одредување на концепцијата на овој Атлас. Инаку, картите во Атласот, покрај мене, во најголем дел ги обработија научните соработници на ИЦАЛ: д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска и м-р Давор Јанкулоски, кои исто така имаат голема експертиза во однос на обработката на македонските и другите словенски дијалекти – не само преку лингвогеографска обработка, туку и преку теренски истражувања, ексцерпција на дијалектни материјали и нивна етимолошка и семантичка анализа. Секако, тука би ги споменал и колегите од Одделението за дијалектологија при Институтот за македонски јазик „К. Мисирков“, кои долги години работат врз Македонскиот дијалектен атлас - МДА (претставен со над 390 населени места на целата македонска јазична територија). Нивното знаење и искуство во голема мера придонесоа за подобрување на квалитетот на овој Атлас.

Меѓународни рецензенти на изданието се реномирани научници од Полска, Русија, Србија, Словачка, Словенија. Како светската наука ги класифицира дијалектите кои културолошки излегуваат од денешните граници на нашата земја?

- Македонските дијалекти се избориле за своето место во меѓународните лингвистички и дијалектолошки истражувања уште во 20 век. Нашите претходници, а особено акад. Блаже Конески и акад. Божидар Видоески, дале голем влог во докажувањето на важноста на македонските дијалекти и посебноста на македонскиот јазик и неговото значење за словенскиот јазичен свет. Затоа, во меѓународната научна средина местото и важноста на македонскиот јазик, а секако и неговите дијалекти на пошироката јазична територија, никогаш не биле доведени во прашање. Инаку, Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) е еден од проектите на Меѓународниот комитет на славистите и има меѓународен, мултилатерален карактер. Тој претставува еден од најголемите меѓународни проекти во словенскиот јазичен свет и е под покровителство на Меѓународниот комитет на славистите.



Проектот е реализиран од страна на академиите на науките од сите словенски земји: во ОЛА се застапени 13 национални академии на науки и/или соодветни институти од сите словенски земји. Досега се објавени десетина фонетски и лексички томови во кои се картографирани резултатите од 3.454 дијалектни прашања собирани во над 850 населени места на целата словенска јазична територија. Дел од тие томови ги објавуваат национални комисии на земји кои се членки на Европската Унија и често тие национални комисии добиваат грантови токму од ЕУ за објавување на атласите на ОЛА. Едноставно кажано, тоа значи дека ниту научната меѓународна средина ниту, пак, телата на Европската Унија никогаш не се обиделе да го оспорат континуитетот на македонскиот јазик и на македонските дијалекти на целата македонска јазична територија.

Егејските, пиринските говори, дијалектите на Македонците во денешна Албанија... Како билателарните политички договори со соседите во последниве една-две години ја редефинираат лингвистичката наука денес и дали со тоа ја загрозуваат на некој начин?

- Меѓународната научна средина, не само научниците, туку и меѓународните комисии и научни организации на ниту еден начин не го спорат постоењето на македонскиот јазик и неговите дијалекти. Притоа и често ја истакнуваат важноста на македонскиот јазик не само за славистичките проучувања, туку и поопшто за изучување и разбирање на универзалната јазична типологија, особено поради фактот дека македонскиот јазик (како словенски) се нашол на периферијата на словенскиот свет и преку контактите со другите балкански јазици постојано се адаптирал и создал своја особена длабинска јазична структура која е неверојатно интересна за проучување од повеќе аспекти.



Проблемот што може да се појави во однос на склучените политички договори оди во два правци: договорот со Грција може да влијае не само врз понатамошното проучување на јужните македонски говори, туку и на некој начин може да го спречува прикажувањето на огромното јазично и пред сè културно богатство на македонскиот јазик кое се наоѓа на територијата на Р. Грција. Тоа значи дека со политички договор би можел да биде отсечен голем и многу важен дел од просторниот континуум на македонскиот јазик и македонските дијалекти. Од друга страна, пак, договорот со Бугарија, а особено нејзините услови за почеток на преговори со ЕУ, може да оди во правец да се отсече голем дел од временскиот континуум на македонскиот јазик кој го должи својот развој, а секако и својата кодификација, токму на долговековниот развој на живиот народен говор, односно на македонските дијалекти. Тоа би значело дека со политички договори би можеле да бидат исклучени двата најважни фактори за постоењето на еден комплексен адаптивен систем каков што е човековиот јазик - а тоа се просторот и времето.

Токму затоа, какво е значењето на ова издание за македонскиот јазик?

- Значењето на овој Лингвистички атлас на македонските дијалекти е огромно за македонскиот јазик и тоа не само од лингвистички причини. Токму поради последните случувања од политички карактер, овој Атлас останува да сведочи и за просторниот и за временскиот континуитет на македонскиот јазик претставен преку неговите дијалекти.



Доколку го изгубиме тој континуитет поради политички договори, условувања и реинтерпретација на историските и јазични факти, ќе го изгубиме минатото во име на некаква „посветла“ иднина. Но, прашањето што како научник и како човек често си го поставувам е следново: Дали може да имаме иднина ако немаме минато? Дали тоа ќе значи дека ќе останеме заробени во некоја „лажна“ сегашност? Верувам дека со овој Атлас ќе покажеме дека научниот одговор на овие (дури и егзистенцијални) прашања праќа недвосмислена порака дека без меморија/сеќавање нема развој и дека и сегашноста и иднината се базираат токму на искуствата што ги извлекуваме од минатото. Така е со човекот, така е и со јазикот.


„Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“ е поставен на интернет-страницата на дигиталните ресурси за македонскиот јазик http://drmj.manu.edu.mk/. Атласот е достапен за слободно преземање и користење во електронска форма ТУКА.