Среќа и благосостојба - предмет што го воведуваат сѐ повеќе средни училишта во светот

Среќа и благосостојба - предмет што го воведуваат сѐ повеќе средни училишта во светот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ученици на возраст од 15 и 16 години во едно средно училиште во Пекинг имале предмет по среќа и благосостојба. Експерименталниот предмет им помогнал на учениците да имаат повеќе позитивни ставови и подобро да се справат со чувствата, негативни и позитивни, поврзани со животните искуства, пренесува Светскиот економски форум.

Според едно неодамнешно истражување спроведено од „Сапиен лабс“, менталната благосостојба значајно се намалува кај помладите генерации. Според истражувањето, дури 44% од младите од 18 до 24 години имале клиничко нарушување или биле во ризик да добијат ментално нарушување. За споредба, само 6% од старите лица постари од 65 години се во оваа група.


Фото: Pixabay

Предметот за среќа и благосостојба што се слушал во Пекинг е само една од последните вакви иницијативи. Претходно професорката Лори Сантос од „Јејл“ почнала да го одржува курсот за психологија и добар живот во кој зборува за потребите на студентите поврзани за менталното здравје. На курсот се пријавиле над 1.200 студенти само во првиот семестар.

Според Сантос, околу 40% од студентите се премногу депримирани, а 60% се премногу анксиозни. Причината за тоа можеби е фактот дека студентите, како и сите други, им даваат приоритет на работите кои мислат дека ги прават среќни, како парите, наместо да се фокусираат на други аспекти од секојдневниот живот, како социјализација.

Курсот на Сантос сега бесплатно ќе им биде понуден на над 550 средношколци што доаѓаат од сиромашни семејства во САД. Курсот е достапен и во онлајн-верзија на платформата „Курсера“.

Извор: weforum.org