Медиумската писменост ќе се изучува на четири факултети во Македонија

Медиумската писменост ќе се изучува на четири факултети во Македонија

Четири факултети ќе ја внесат медиумската писменост во студиските програми, според договорот што денеска го потпишаа со ИРЕКС и Институтот за комуникациски студии (ИКС) во Скопје.

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, Факултетот за јазици, култури и комуникации при Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово и Економскиот факултет на АУЕ ФОН. Овие образовни институции ќе ги ажурираат постоjните или ќе воведат нови предмети за медиумска писменост, ќе истражуваат, ќе создаваат нова литература и ќе осмислат различни активности со студенти.

Програмата се остварува преку мали грантови што ги доделуваат ИРЕКС и ИКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. На првиот повик се пријавија 11 високообразовни институции. Повикот ќе се повторува и следните години, соопшти ИКС.

Фото: ИКС