Имунитетот за Ковид-19 веројатно е поголем отколку што покажуваат тестовите

Имунитетот за Ковид-19 веројатно е поголем отколку што покажуваат тестовите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ново истражување од Каролинскиот институт и Универзитетската болница Каролинска покажува дека многу луѓе со благ или асимптоматски Ковид-19 демонстрираат таканаречен имунитет со посредство на Т-клетките кон новиот коронавирус, дури и ако не се тестирале позитивно за антитела. Според истражувачите, тоа значи дека јавниот имунитет е веројатно поголем отколку што посочуваат тестовите за антитела.

- Т-клетките се еден вид бели крвни клетки кои се специјализирани за препознавање на клетки заразени од вирус и се суштински дел од имунолошкиот систем - вели Маркус Бугерт, доцент на Центарот за инфективна медицина на Каролинскиот институт и еден од главните автори на истражувањето.

- Напредните анализи сега ни овозможуваат детално да го мапираме одговорот на Т-клетките за време и по заразата со Ковид-19. Нашите резултати укажуваат на тоа дека двојно повеќе луѓе развиле Т-клетки во споредба со оние кај кои можеме да откриеме антитела - додава тој.

Во тековното истражување, истражувачите извршиле имунолошки анализи на примероци од над 200 луѓе, од кои многумина имале лесни или никакви симптоми на Ковид-19. Истражувањето опфатило пациенти од Универзитетската болница Каролинска и други пациенти и нивните изложени асимптоматски членови на семејството кои се вратиле во Стокхолм по одморот на Алпите во март. Биле вклучени и здрави донатори на крв во текот на 2020 и 2019 година.

kovid
Фото: Pixabay

Консултантот Су Алеман и нејзините колеги од клиниката за инфекции на Универзитетската болница ги следела и тестирала пациентите и нивните семејства уште од периодот на заболување.

- Една интересна опсервација беше дека не само што лица со потврден Ковид-19 покажале Т-клетки, туку и многу од нивните изложени асимптоматски членови на семејството. Покрај тоа, 30 отсто од крводарителите што дале крв во мај 2020 година имале Т-клетки специфични за Ковид-19, бројка што е многу поголема од претходните тестови за антитела - вели Алеман.

Одговорот на Т-клетките бил во согласност со мерењата преземени по вакцинацијата со одобрени вакцини за други вируси. Пациентите со тежок Ковид-19 често развиваат силен одговор на Т-клетките и одговор на антитела; кај оние со поблаги симптоми не било секогаш можно да се открие одговор на антителата, но и покрај ова, многумина покажале изразен одговор на Т-клетките.

- Нашите резултати укажуваат на тоа дека јавниот имунитет за Ковид-19 веројатно е значително повисок отколку што посочувале тестовите за антитела - вели професорот Ханс-Густаф Унгрен од Центарот за инфективна медицина од Каролинскиот институт.

- Ако е тоа случајот, секако е добра вест од јавна здравствена перспектива - додава тој.

- Треба да се направат поголеми истражувања и за Т-клетките и за антителата за да се разбере колку е траен имунитетот и како се поврзани овие различни компоненти на имунитетот за Ковид-19 - вели Маркус Бугерт.

Извор: News.ki.se