Сателитски податоци покажуваат дека облаците може да го засилат глобалното затоплување

Сателитски податоци покажуваат дека облаците може да го засилат глобалното затоплување

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нов приод во анализирањето на сателитските мерења на облаците околу Земјата открива дека е многу веројатно тие да го засилат глобалното затоплување.

Истражувањето направено од страна на научници од Империјал колеџ во Лондон и Универзитетот на Источна Англија е најсилниот доказ досега дека облаците ќе го зголемат глобалното затоплување на долг рок, дополнително влошувајќи ги климатските промени.

Резултатите, исто така, посочуваат дека при двојни концентрации на атмосферски јаглероден диоксид во споредба со прединдустриските нивоа, затоплувањето веројатно нема да биде под 2 Целзиусови степени и е поверојатно во просек да се затопли за повеќе од 3 степени.

Прединдустриските нивоа на јаглероден диоксид беа околу 280 ppm, но моменталните нивоа се приближуваат до 420 ppm и би можеле до средината на веков да бидат двојно повисоки од прединдустриските ако значително не се намалат емисиите. Степенот на климатско затоплување предвидено со дуплирање на прединдустриските нивоа на јаглероден диоксид е познат како „климатска чувствителност“ - мерка за тоа колку силно нашата клима ќе реагира на таква промена.

Најголемата несигурност во предвидувањата на климатската чувствителност е влијанието на облаците и како тие може да се променат во иднина. Тоа е така зашто облаците, во зависност од карактеристиките како густина или висина во атмосферата, можат или да го засилат или да го намалат затоплувањето.

Коавторот на истражувањето, Пауло Кепи, истакна дека вредноста на климатската чувствителност е многу несигурна и тоа се преведува во несигурност во предвидувањата за идните глобални затоплувања и преостанатиот „јаглероден буџет“ - колку можеме да емитуваме пред да ги достигнеме метите од 1,5 и 2 Целзиусови степени глобално затоплување.

- Затоа има клучна потреба од поточно мерење како облаците ќе влијаат врз идното глобално затоплување. Нашите резултати ќе значат дека сме посигурни во климатските предвидувања и можеме да добиеме појасна слика за сериозноста на идните климатски промени. Ова треба да ни помогне да си ги знаеме границите и да дејствуваме за да останеме во нивните рамки - истакна тој.

Облаците што се поставени ниско имаат ефект на ладење бидејќи ги блокираат сончевите зраци да не стасаат до Земјата. Сепак, облаците поставени високо имаат ефект на затоплување бидејќи додека дозволуваат сончевата енергија да стаса до Земјата, енергијата која се емитува назад од Земјата е поразлична. Оваа енергија може да биде заробена во облаците и со тоа да се зајакне ефектот на стаклена градина. Затоа, видот и количината на облаци што ќе ги создаде светот кој се затоплува влијаат врз понатамошниот потенцијал за затоплување.

Инспирирани од идеите од заедницата која се занимава со вештачка интелигенција, истражувачите развиле нова метода за да ги измерат врските меѓу најновите опсервации со сателити и поврзаните состојби на температурата, влажноста и ветриштата.

Тие утврдиле дека е многу веројатно (веројатност поголема од 97,5%) облаците да го засилат глобалното затоплување преку рефлектирање помалку соларна радијација и зајакнувајќи го ефектот на стаклена градина. Овие резултати, исто така, посочуваат дека дуплирање на концентрациите на јаглероден диоксид ќе доведе до затоплување од околу 3,2 Целзиусови степени. Ова е највисоката сигурност на која било студија досега и се базира на податоци од глобални опсервации, наместо на опсервации на локални региони или на одредени видови облаци.

Извор: phys.org
Насловна фотографија: Unsplash