Школската година ќе заврши на 10 јуни. Ќе се учи 159 дена, а оценувањето ќе биде со физичко присуство

Школската година ќе заврши на 10 јуни. Ќе се учи 159 дена, а оценувањето ќе биде со физичко присуство

Сите ученици, без разлика дали ќе следат настава со физичко присуство или онлајн, ќе бидат оценувани со физичко присуство, а учебната година ќе заврши на 10 јуни, најави министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа денеска се сретна со директори на основни и на средни училишта од Скопје.

Царовска рече дека периодов се работи на кратење наставни програми, а законот гарантира дека програмата нема да биде под 100 часа.

- Овој пат Бирото за развој на образованието ги крати програмите само за бројот на денови што би требало да го надминат 10 јуни, за да можеме да ја завршиме школската година на 10 јуни, а притоа септември ни е празен. Наместо 180, ќе имаме 159 дена кои ќе треба да се адаптираат во програмата. Бирото ги работи и денес треба да бидат доставени до мене. Секако, се поедноставува програмата затоа што часот е 30 минути и сите овие програми со упатство за употреба ќе треба да бидат доставени до училиштата в петок - изјави Царовска.


Таа дополни дека ќе биде подготвено посебно упатство за оценување зашто исклучително е важно онлајн-наставата да го даде максималниот квалитет.

- Тоа досега не беше уредено, отсега оценувањето ќе се спроведува со физичко присуство и тоа ќе се организира во групи, секако доколку епидемиолошката состојба на општините го дозволува тоа, а тоа ќе го организираат училиштата со насока и упатство од Бирото - рече Царовска.