Дали премногу вежбање може да го загрози срцето

Дали премногу вежбање може да го загрози срцето

Редовната физичка активност е еден од најдобрите начини да го сочуваме здравјето на срцето. Го намалува крвниот притисок, ја подобрува кондицијата и го намалува ризикот од срцеви болести и мозочен удар. Сепак, повеќе вежбање не значи секогаш и повеќе корист. Екстремните тренинзи, недоволното спиење, дехидратацијата и отсуството на период за закрепнување можат здравото вежбање да го претворат во сериозно оптоварување за кардиоваскуларниот систем.

Каде престанува здравото вежбање, а започнува премногу интензивното

За време на вежбањето срцето природно почнува да чука побрзо и да пумпа повеќе крв. Тоа е нормална и здрава физиолошка реакција. Проблемот не е во самото вежбање, туку во тоа што се случува кога исклучително напорните тренинзи ќе станат секојдневен стрес за организмот, а одморот, сонот, исхраната и внесот на течности не го следат интензитетот на физичката активност.

Ова прашање станува сè поважно бидејќи подготовките за маратон, велосипедизмот на долги патеки, интензивните тренинзи во сала и различните фитнес-предизвици се сè попопуларни. Притисокот секој ден да трчаме подолго, да креваме поголеми тежини или да го надминеме претходниот резултат може да нè наведе исцрпеноста погрешно да ја доживееме како напредок.

Кога напорниот тренинг престанува да биде здрав предизвик

Тешкиот тренинг не е автоматски и опасен тренинг. За време на физичката активност срцето треба да работи поинтензивно. Редовното вежбање со текот на времето може да ја подобри способноста на кардиоваскуларниот систем да им испорачува кислород на мускулите.

Ризикот расте кога напорните тренинзи се нижат еден по друг, без доволно време за закрепнување.

– Вежбањето е една од најдобрите работи што човекот може да ги направи за здравјето на срцето, но повеќе напор и вежбање не значи секогаш подобро. Загриженоста се јавува кога интензитетот или обемот на тренингот се постојано високи, а на телото не му е оставено доволно време да закрепи – објаснува д-р Ашутош Кумар, началник на Одделението за електрофизиологија на срцето и аритмии во болницата „Арете“.

До преоптоварување може да дојде на различни начини. Некој може нагло да премине од повремено трчање на секојдневно трчање на долги патеки. Друга личност може секој ден да комбинира тежок тренинг за сила со интензивни кардио-вежби. Проблемот се јавува и кога постојано го зголемуваме оптоварувањето бидејќи ни се чини дека полесниот тренинг „не е доволен“.

Како екстремното вежбање може да влијае врз срцето

Срцето има извонредна способност за приспособување. За време на физичката активност тоа го зголемува бројот на отчукувања и силата на пумпање за да одговори на поголемите потреби на мускулите за кислород. Кај лицата што тренираат можат да се појават одредени промени во големината и функцијата на срцето кои претставуваат нормален одговор на редовното вежбање.

Меѓутоа, екстремните и долготрајни тренинзи за издржливост кај одредени лица можат да имаат поинакви последици. Тоа не значи дека трчањето, велосипедизмот или другите спортови на издржливост се опасни, ниту дека рекреативците треба да се плашат од вежбање.

Кардиоваскуларниот систем сепак не е машина со неограничена издржливост. Последиците од многу големото физичко оптоварување зависат од здравствената состојба на личноста, начинот на тренирање и можните, претходно неоткриени болести.

Жештината, дехидратацијата и стимулансите дополнително го оптоваруваат срцето

Самиот тренинг е само еден дел од вкупното оптоварување на кое е изложено срцето. Долгата или многу напорна физичка активност, особено по топло и влажно време, може да доведе до значително губење течности.

Дехидратацијата може да ја наруши рамнотежата на електролитите, вклучувајќи ги нивоата на натриум и калиум. Овие минерали имаат важна улога во одржувањето на нормалната активност на срцето.

– Кога долготрајното или многу напорно вежбање ќе се комбинира со топло и влажно време, дехидратацијата и промените на нивото на електролити, како натриумот и калиумот, можат да влијаат врз електричната активност на срцето и да го зголемат ризикот од нарушување на срцевиот ритам – предупредува д-р Девика.

Посебна претпазливост им е потребна на лицата кои тренираат надвор, во екстремни временски услови или долго вежбаат без соодветен план за надоместување на течности и електролити.

Дополнителен проблем претставуваат енергетските пијалаци, препаратите со високи дози на кофеин кои се земаат пред тренинг и одделни супстанции за подобрување на физичките способности. Кофеинот, особено во поголеми количини, може да ја забрза работата на срцето и да го покачи крвниот притисок.

Добрата кондиција не значи дека сме заштитени од срцеви проблеми

Една од најопасните заблуди во фитнес-културата е верувањето дека вита, силна личност, способна да претрча голема оддалеченост, автоматски има и здраво срце.

Добрата физичка кондиција не нуди целосна заштита од кардиоваскуларни проблеми. Некои срцеви заболувања можат долго да останат без симптоми, сè додека личноста не го изложи срцето на голем напор. Генегетската склоност кон нарушувања на ритамот, структурните промени на срцето или други неоткриени состојби не мора да предизвикаат тегоби за време на вообичаените дневни активности.

– Физичката подготвеност не нуди целосна заштита од кардиоваскуларни настани. Дури и многу фит-личност може да има генетска предиспозиција за неправилен срцев ритам или некоја друга слабост на срцето – вели д-р Девика.

Поради тоа, не е паметно некритички да ја копираме програмата за тренинг на професионален спортист или фитнес-инфлуенсер. Интензитетот на вежбањето би требало да се приспособи на годините, почетната кондиција, здравствената состојба и целите на личноста.

Несвестицата за време на тренингот не е знак дека треба да „издржиме уште малку“

Организмот често испраќа предупредувања дека сме ја преминале границата. Ако тренингот што претходно сме го завршувале без тешкотии одеднаш стане необично напорен, таа промена не би требало да се игнорира.

– Ако личноста која претходно без проблеми завршувала одреден тренинг одеднаш почне да се мачи, на таа промена треба да ѝ се обрне внимание, наместо да се обидува да продолжи по секоја цена – вели д-р Кумар.

Особено сериозно треба да се сфатат вртоглавицата и губењето на свеста за време на вежбањето.

Извор: eklinika
Фото: magnific