НАСА лансира моќен телескоп: Поранешен шпионски сателит ќе ги истражува најголемите тајни на вселената
НАСА во неделата започна нова мисија посветена на истражувањето на некои од најголемите тајни на астрофизиката и космологијата, лансирајќи го новиот водечки астрономски телескоп. Станува збор за пренаменет шпионски сателит кој ќе снима панорамски слики од вселената.
Вселенскиот телескоп „Ненси Грејс Роман“, проект вреден околу 4 милијарди долари, беше лансиран од вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во Кејп Канаверал, Флорида, со ракетата „Фалкон хеви“ на компанијата „Спејс екс“, под ведро небо непосредно по изгрејсонцето.
Мисијата е планирана за период од 5 години, иако НАСА објави дека телескопот би можел да има доволно гориво за уште 5 години работа. Телескопот, кој ќе биде сместен во орбита зад Месечината, е наменет за истражување вселенски загатки, како што се темната енергија и темната материја, а ќе служи и за тестирање на гравитацијата на огромни оддалечености и потрага по егзопланети, односно планети надвор од нашиот Сончев Систем.
Лансирањето во неделата означи крај за инженерите, но почеток за научниците, изјави Џули Мекенери, главен научник на проектот за телескопот „Роман“.
Телескопот првично бил наменет за шпионски сателити
Новиот телескоп е именуван по Ненси Грејс Роман (1925–2018), првата главна астрономка на НАСА, позната како „мајката на Хабл“ поради нејзината клучна улога во развојот на вселенскиот телескоп „Хабл“.
Телескопот првично бил проектиран за програмата за шпионски сателити на американската Национална канцеларија за извидување, дел од американската разузнавачка заедница што управува со најмоќните американски шпионски сателити. Програмата го надмина предвидениот буџет и беше запрена, а Националната канцеларија за извидување во 2012 година му го отстапи сателитот на НАСА, која го пренамени за истражување на вселената.
„Роман“ ќе патува кон орбиталната локација позната како Лагранжова точка L2, оддалечена околу 1,6 милиони километри од Земјата. Следните 90 дена научниците ќе ги минат во пуштање на телескопот во работа и негово подготвување за научни истражувања. Се очекува „Роман“ своите први снимки со висока резолуција да ги испрати пред зимските празници, изјави раководителката на проектот, Џеки Таунсенд.
Ќе ги надгради можностите на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“
„Роман“ ќе ги надгради можностите на другите вселенски опсерватории во орбитата, како што се вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, лансиран во 2021 година, и вселенскиот телескоп „Хабл“, лансиран во 1990 година.
Мекенери претходно изјави дека „Роман“ има речиси иста чувствителност и острина на сликата како „Хабл“, но ќе може многу побрзо да ја прегледува вселената. „Роман“ може да ја сними целата наша галаксија Млечен Пат за еден месец, додека на „Хабл“ за истата работа би му требал цел век, наведува Мекенери.
„Роман“ ќе помогне во разбирањето на темната енергија и темната материја со изработка на досега најсеопфатната тридимензионална карта на вселената. Неговото главно истражување ќе опфати повеќе од 2 милијарди галаксии.
Извор:
n1info.hr
Фото:
Wikipedia