Студентите на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) при УКИМ - Скопје, практично применувајќи ги стекнатите знаењата, изработија уникатни производи - од студентското ТМФ брендирано чоколадо во „Винчини“ до три студентски крафт-пива во „Пивара Скопје“, а на 20. јубилејна Студентска модна ревија направија естетски креации со напредни дигитални алатки за конструкција и познавање паметни, современи текстилни материјали.
Проф. д-р Мишела Темков, вонреден професор на ТМФ во Скопје, раководител на Центарот за кариера и Центарот за трансфер на технологии, вели дека ова е потврда дека студиските програми на Факултетот се стратешки дизајнирани за директно да одговорат на динамичните барања на индустријата. Преку воведување интердисциплинарни предмети, студентите стекнуваат знаења кои се веднаш применливи во реалниот сектор.
Студените направија брендирано чоколадо во „Винчини“ и уникатни пива во „Пивара Скопје“
- Во просториите на развојниот центар на „Винчини“ и Фондацијата „Прогресив“, студентите од четврта година на насоките Прехранбена технологија и Биотехнологија изработија свое студентското ТМФ брендирано чоколадо. Активноста беше реализирана преку Центарот за кариера, под мое менторство, а проектот претставуваше совршен спој на нивните теоретски и практични знаења - вели Темков.
Студентското пиво беше подготвено преку соработка на студентите од Прехранбена технологија и биотехнологија при ТМФ, Центарот за кариера и „Пивара Скопје“.
-Тие создадоа три уникатни крафт-пива – Ruby Sour, Green Theory и Mountain Nectar. Под менторство на проф. д-р Донка Донева-Шапческа и м-р Деспина Костадинова Јанковски, а во соработка со стручниот тим технолози од „Пивара Скопје“, идните инженери поминаа низ целиот реален производствен процес: од подготовка на пивото, преку запознавање со современи технологии и лабораториски анализи, па сè до финалната сензорска евалуација. Овие пива беа премиерно промовирани и дегустирани на нашата 20. јубилејна студентска модна ревија - додава Темков.
Студентите со свои креации на Модната недела во Пекинг
Јубилејната 20. Студентска модна ревија на ТМФ во јуни годинава беше вистински триумф на креативноста и доказ како можат да се спојат науката и уметноста. Студентите од насоката Дизајн и инженеринг на облека покажаа дека модата на ТМФ има цврста научна и технолошка основа.
-Допирната точка помеѓу инженерството и модата на нашиот факултет е токму во „науката зад материјалите“. Студентите не учат само како да нацртаат креација, туку како тој цртеж да стане реална, функционална облека преку детално познавање на текстилните материјали, нивните структурни и еколошки својства, како и дигиталното конструирање на кроевите - истакнува професорката.
Успехот на студентите отиде многу подалеку од националните рамки.
-Како извонредно постигнување и гордост за Факултетот ја издвојуваме нашата прва, исклучително успешна соработка со кинеските институции Faculty of Fashion Art и Faculty of Crafts and Arts при Hubei Institute of Fine Arts. Оваа соработка резултира со наше учество на престижната Модна недела во Пекинг, Кина. Нашите студенти и професори ги поминаа сите фази на дизајн и реализација на капсулна колекција – од креирање ’moodboard‘ и заедничка инспирација, избор на гама на бои и материјали, па сè до финалната изработка, проба и стајлинг. Оваа прекрасна авантура беше реализирана со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина - вели Темков.
Посочува дека ваквата синергија помеѓу високата технологија и дизајнот објаснува зошто нивните кадри се толку успешни.
-Тие се подготвени да размислуваат глобално и иновативно, без оглед дали градат кариери во светски брендови како „Адидас“ и соработки со Стела Мекартни или развиваат сопствени автентични брендови како „Далиа“ - вели таа.
Дипломираните кадри на лидерски позиции во познати компании
Дел до студентите ги договараат работните ангажмани уште додека се во студентските клупи. Пазарот има огромна, дефицитарна потреба од кадар кој поседува и теорија и реална практична самодоверба.
-За да го олесниме овој процес, Центарот за кариера на ТМФ е организатор на традиционалниот Кариерен ден на ТМФ, кој се одржува во холот на Факултетот. Настанот претставува извонредна, директна платформа каде што студентите остваруваат лични контакти со работодавци од водечки компании од различни индустрии кои активно бараат млади, мотивирани и перспективни инженери за пракса и вработување - нагласува професорката.
Дипломирани инженери од ТМФ работат како лидери во секторите за контрола на квалитет, развој на производи и менаџирање на процеси во гиганти како Алкалоид, Титан Усје, Адинг, Бионика, Кожувчанка, Горска, Виталија, Пивара Скопје, Здравје Радово, Пекабеско, Винчини, ОКТА, Џонсон Мети, Макстил и многу други.
-Факултетот ги учи на претприемништво, тимска работа и професионалност, давајќи им знаење да отвораат сопствени производствени капацитети и независни брендови. Со диплома од ТМФ вие не барате работа – индустријата ве бара вас - нагласува Темков.
Атрактивни студиски програми
Технолошко-металуршкиот факултет нуди разновидни и современи четиригодишни студиски програми на додипломски студии:
• Дизајн и менаџмент на технолошки процеси со фокус на хемиско инженерство, инженерска статистика, математички методи и оптимизација, мерење и автоматска регулација, индустриски менаџмент, проектирање процесна опрема, зелено инженерство, преработка на нафта, гас и биогорива.
• Неорганско инженерство и заштита на животна средина, кое опфаќа технологија на киселини, бази, соли и минерални ѓубрива; фина и груба керамика; стакло и огноотпорни материјали; преработка на отпадни води; загадување и ревитализација на почви; цврст отпад, рециклирање и нулта емисија.
• Прехранбена технологија со изучување технологии на млеко, месо, житарки и леб, овошје и зеленчук, кондиторски производи, вино, пиво, амбалажа, како и контрола на квалитетот на прехранбените производи.
• Биотехнологија со фокус на инженерство на микробни и ензимски процеси, технологија на биополимери, фармацевтски и козметички производи, генетски модифицирани организми, изолација на продукти и биотехнолошка легислатива.
• Дизајн и инженеринг на облека при што се изучува дизајн, избор и наука за материјали; кроење, шиење и доработка; дигитални алатки за конструкција; одржливо производство на облека.
• Полимерни материјали - се изучуваат основи на полимерно инженерство, структура, својства и преработка на полимери, механичко однесување, биоразградлива пластика, индустриски полимери, адитиви и рециклирање.
• Инженерство на материјали и нанотехнологии со фокус на преработка на полимери, керамика и метали; композити и нанокомпозити; наноматеријали, функционални наноматеријали и карактеризација на материјали.
• Металургија - каде што се изучува контрола и обезбедување квалитет на метални производи, испитување и карактеризација на материјали, одржување конструкции, оптимизација на производствени процеси.
Како клучна новина и исклучително модерна насока се издвојува интердисциплинарната програма Металуршко дигитално инженерство, која ги обединува металургијата, машинството и електроинженерството, дополнета со знаења за претприемништво, бизнис и проектен менаџмент. Исто така, факултетот нуди и студиски програми на англиски јазик.
На постдипломски активни се повеќе студиски програми, а нови се Прехранбено инженерство – иновации, одржливост и технологии (на македонски и англиски јазик воведена од 2025/2026 година) и Биотехнологија (во претстојната 2026/2027 година).
Професорката Темков одликувана со престижен француски орден
Професорката Мишела Темков е посветена на едукација на идните инженери и на развој на современи, одржливи решенија во науката за храна, а нејзиниот академски пат е силно поврзан со Франција, каде што како стипендистка на француската влада завршила постдипломски студии, поставувајќи ги основите за долгогодишна соработка со врвни француски образовни и научни институции. Како активен истражувач, таа поседува експертиза во областите на циркуларна економија, пакување и контрола на квалитет на храна, како и развој на иновативни биотехнолошки решенија. За нејзиниот извонреден придонес во развојот на науката, високото образование и унапредувањето на меѓународните академски односи, одликувана е со престижниот француски орден Витез од родот на академските палми (Chevalier dans l'Ordre des Palmes académiques), а препознатлива е и како медиумски соговорник кој ги приближува иновациите до пошироката јавност.
Фото: приватна архива