КРЕФ е доказ дека на просветните работници им треба мотивација и почит, а не казни за да бидат продуктивни

КРЕФ е доказ дека на просветните работници им треба мотивација и почит, а не казни за да бидат продуктивни

Подготвил: С.Ѓ.

Лектор: Ивана Кузманоска

„Оскарите“ за наставници што го обележаа фестивалот годинава ги добија едукаторите Ричард Спенсер од „Мидлсброу колеџ“, Мирослав Митиќ од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Бутел и Гoрaнкa Maркoвиќ и Брaнкa Mиќeвиќ од OУ „Живaн Maричиќ“ од Жича, Србија

- Веќе трета година докажуваме и покажуваме како филмот може да биде одлично средство за професионален развој на вработените во образованието. КРЕФ е и една скромна можност да ѝ се стави акцент на оваа професија и да се искаже почит кон трудот и несебичниот ентузијазам на посветените просветни работници чиј број сосема оправдано опаѓа од ден на ден, со застрашувачки размери и на штета на целото општество – рече Весела Богдановиќ, основач на меѓународниот фестивал на едукативни филмови КРЕФ што се одржа викендов на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Таа додава дека масовниот одѕив на овој фестивал е уште еден доказ дека на просветните работници им е потребна соодветна мотивација, почит и инспирација, а не надзор и казни за да бидат ефективни и продуктивни.


- Секако, мизерната плата, неплатените сметки за превоз, партиските вработувања со заборавање на квалитетот и слично, остануваат проблеми на кои, за жал, не можеме да влијаеме, но ова е барем нешто што може да се направи во очекување на подобри времиња за нас - истакна Богдановиќ.

Шеесет ментори и ментори-асистенти и повеќе од 1.400 ученици во пет категории за деца од 6 до 18 години. Категориите за учество нудеа неколку различни форми за пренесување наставни содржини и цели, но имаа заедничка цел – да ја збогатат збирката на дигитални ресурси за поддршка на часови, за учење, размена на идеи и професионален развој на вработените во образованието.

Фестивалот трета година го организираат Весела Богдановиќ и наставникот Зоран Илиќ од Србија. Фестивалот се наоѓа на листата со акредитирани настани за професионален развој на вработените во образованието, одобрен и поддржан од страна на Министерството за образование и наука и технолошки развој на Србија и Министерството за култура на Србија.

Директор на фестивалот годинава е проректорот на УГД, проф д-р Кирил Барбареев. Гостин на фестивалот беше еден од најдобрите светски едукатори, проф. д-р Ричард Спенсер од Билингам, Велика Британија, предавач и финалист на КРЕФ, кој ја воодушеви публиката со танц и песни преку кои изведе предавање на неколку теми од молекуларна биологија, на начин разбирлив за секого.
Фестивалот за едукативни филмови КРЕФ ги избра најдобрите дела снимени минатата учебна година. Во повеќе категории добија награди филмови од Македонија и од Србија.



Трите „Оскари“ за наставници што го обележаа КРЕФ годинава ги добија едукаторите Ричард Спенсер од „Мидлсброу колеџ“, Мирослав Митиќ од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Бутел и Гoрaнкa Maркoвиќ и Брaнкa Mиќeвиќ од OУ „Живaн Maричиќ“ од Жича, Србија.

Наградени филмови и наставници:

1.„Minecraft - Музички лавиринт“ на менторката Павлинка Вељаноска, во категоријата Minecraft- Scratsh. Учествуваа учениците Здравче Јованов и Матеј Јуришиќ од ООУ „Гоце Делчев“ - Неготино.

2. Првото место во категоријата „Лип Дуб“ го освои менторката Жанета Ристевска од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ - Битолa.

3. Првото место во категоријата „Едукативен филм до 10 години“ го освои филмот „Вредните луѓе од мојот крај“ на Горанка Марковиќ и Бранка Миќевиќ, ученици од трето одделение OУ „Живaн Maричиќ“ од с. Жича, Србија.

4.Прво место за едукативен филм до 15 години – „Пази што посакуваш“, OУ „Стaри Кoвaч Ќурa“ од Вeликa Moрaвицa, Србија.

5. Прво место за игран филм пример за социјално однесување до 15 години – „Големата желба за пари“ на менторката Ивана Витанска, автор Дарко Соколески, ОУ „Христо Узунов“ од с. Другово, Кичево.

6. Прво место игран филм пример за социјално однесување до 10 години – „Роденденот на Климент“ на менторката Маја Димковска, ученик Јована Стоилковска, ОУ „Свети Климент Охридски“ - Бутел Скопје.

7. Прво место во категоријата „Детски нагледен час“ до 10 години – „Шуми“, на мeнтoрот Гoрдaнa Jaнeвскa, Ленка Павловиќ, Милица Давидовиќ и Даница Станковиќ, OУ „Димитриje Toдoрoвиќ -Кaплaр“ од Књaжeвaц, Србија.

8. Прво место во категоријата „Млад модел учител - Ученик во улога на наставник“ – „Видови сообраќај“ на менторката Елена Стојанова и ученикот Благоја Јованоски од ООУ „Гоце Делчев“, Неготино.