Нови проректори на Универзитетот „Св. Климент Охридски“

Нови проректори на Универзитетот „Св. Климент Охридски“

Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, на предлог од ректорот - проф. д-р Сашо Коруновски, врз основа на новиот Закон за високо образование, на тајно гласање едногласно донесе одлука за избор на четири нови проректори на Универзитетот.

За нов проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ е избран професорот Марјан Ѓуровски, досегашен продекан на Факултетот за безбедност - Скопје, претседател на Македонското политолошко друштво и доктор на безбедносни науки, кој ќе раководи со ресорот за студенти и академска мобилност, потоа нов проректор за наука ќе биде Игор Неделковски, досегашен декан на Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола, нов проректор за финансии е професорката Гордана Трајкоска од Економскиот факултет - Прилеп, а проректор за настава Љупче Кочоски, досегашен декан на Факултетот за биотехнички науки од Битола. Со ова е комплетиран тимот на новиот универзитетски ректорски менаџмент, кој има мандат од три години.

1

Основна задача на новите проректори предводени од ректорот Коруновски е реализација на квалитетен и сеопфатен наставно-образовен процес преку кој се едуцираат младите кадри во квалификувани и компетентни стручњаци, препознатливи на националниот и меѓународниот пазар на труд, но и поврзување, интеракција на тој процес со квалитетен научноистражувачки и апликативно-истражувачки процес во функција на потребите на опкружувањето.

- Студентите се во центарот на образовниот процес, во кој им се овозможува и од нив се очекува одговорен пристап и активно учество, како при стекнувањето знаења и вештини така и при создавањето нови знаења. Студентот има право на квалитетно образование, но и обврска за активно учество во него, во согласност со академските вредности - изјави новиот проректор Ѓуровски. Според него, современите текови ја наметнуваат и потребата за максимално искористување на можностите за студентска мобилност и вклучување на студентите во соодветните облици на студентско организирање на меѓународно ниво во насока на градење меѓусебна доверба, запознавање, споделување на културните вредности и интернационализација во сферата на високото образование. Овој тренд уште повеќе ја поттикнува потребата за воспоставување и целосна реализација на договорите за соработка со странски универзитети на полето на студентската мобилност и реализирање заеднички студентски проектни активности во различни програми - најави новиот проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, професорот Марјан Ѓуровски.