Граѓаните губат стотици евра, а не го забележуваат тоа. Погледнете ја пресметката за 10.000 евра годишно
Колку може инфлацијата да влијае врз вредноста на заштедата, покажува пресметката на платформата за споредба на каматни стапки „Раисин“.
Милијарди евра на германските штедачи се наоѓаат на банкарски сметки кои не носат речиси никаква камата, додека инфлацијата од година на година ја намалува вистинската вредност на нивните пари.
Колку таквиот начин на штедење може да ги чини граѓаните, покажува пресметката на примерот од 10.000 евра, која открива значителни разлики помеѓу држењето пари на тековна сметка, штедењето по видување и орочените депозити.
Според податоците на германската централна банка, Бундесбанк, приватните домаќинства на крајот од јуни располагале со приближно 2,4 трилиони евра во готовината и депозитите по видување. Голем дел од тие пари се наоѓаат на сметки кои не носат камата, поради што штедачите ја пропуштаат можноста за остварување дополнителен приход.
Истовремено, трошоците за живот во Германија повторно растат. Според податоците на Сојузниот завод за статистика, годишната стапка на инфлација во септември достигна 3,3 проценти, што е највисоко ниво забележано од декември 2023 година. Меѓу производите што најмногу поскапија се издвојуваат маслото за ложење и моторните горива.
Таквите движења ги погодуваат граѓаните кои ги чуваат парите на сметки без камати бидејќи, иако износот на нивната заштеда номинално останува непроменет, за истите пари со текот на времето можат да купат сè помалку производи и услуги.
Колку инфлацијата може да влијае врз вредноста на заштедата, покажува пресметката на платформата за споредба на каматни стапки „Раисин“, објавена по повод Светскиот ден на штедењето, пренесува „Феникс“.
Во анализата се поаѓа од претпоставката дека граѓанинот располага со 10.000 евра заштеда и дека годишната стапка на инфлација од 3,3 проценти ќе се задржи во текот на следните 12 месеци.
Важно е да се нагласи дека не се работи за прогноза за идното движење на инфлацијата, туку за хипотетичка пресметка со која се сака да се прикаже колку различни облици на штедење можат да влијаат врз зачувувањето на куповната моќ на парите.
Споредени се три начини на чување заштеда: тековна сметка без камати, штедење по видување со годишна камата од 2,9 проценти и орочено штедење со каматна стапка од 3,5 проценти.
Резултатите покажуваат дека разликите можат да бидат значителни по само една година.
Граѓанинот кој ќе остави 10.000 евра на тековна сметка без камати по 12 месеци и понатаму ќе го има истиот номинален износ, но неговата куповна моќ ќе биде помала за приближно 320 евра.
Фото: magnific