Мозочен удар - невролог открива 7 ризик-фактори врз кои можете да влијаете
Мозочниот удар е еден од водечките јавно-здравствени проблеми и еден од главните причинители за траен инвалидитет кај возрасните лица. Иако често се поврзува со постарата животна возраст, може да погоди и помлади лица. Добрата вест е што на многу ризик-фактори можеме да влијаете, а навремената превенција може значително да ја намали веројатноста за негово настанување.
Професорката Здравка Пољаковиќ Скуриќ, специјалист по неврологија и супспецијалист по интензивна медицина од Хрватска, издвои седум најважни ризик-фактори на кои можеме да влијаеме и објасни кои превентивни мерки се важни по 40-тата година.
Седум ризик-фактори за мозочен удар:
-Зголемен крвен притисок
-Зголемен шеќер во крвта
-Зголемени маснотии во крвта
-Пушење
-Прекумерна телесна тежина
-Недоволна телесна активност
-Одредени срцеви заболувања што можат да се лекуваат.
По 40-тата година важно е да се мери крвниот притисок
- Се смета дека по четириесеттата година би требало барем еднаш неделно да се мери крвниот притисок. Притоа е важно правилното мерење, што значи мерење во два наврати во интервал од десет минути, при што втората вредност се зема како точна. Ако така измерениот крвен притисок е повисок од 140/90 mmHg, мерењето би требало да се повторува, дури и секојдневно. Ако вредностите и понатаму се покачени, потребно е да се јавите кај лекар заради воведување антихипертензивна терапија, односно терапија за регулација на крвниот притисок - објаснува проф. Пољаковиќ Скуриќ.
Редовните лабораториски анализи можат да откријат важни промени
- Еднаш годишно, по четириесеттата година, би требало да направиме комплетни лабораториски анализи за да го провериме нивото на шеќер во крвта, маснотиите во крвта и евентуалните промени во функцијата на црниот дроб и бубрезите. Тие промени не се толку значаен ризик за промени на крвните садови во мозокот, па така ни за мозочен удар, но можат да бидат знак за некое нарушување на рамнотежата, односно хомеостазата и правилното функционирање на организмот. Исто така, многу е важно да се направат тестови за згрутчување на крвта, односно коагулациски тестови - истакнува неврологот.
Вежбањето и медитеранската исхрана се важни за превенцијата
- Освен мерењето на притисокот и редовното земање крв за анализа, многу е важно секојдневното вежбање. Тоа значи дека под вежбање не подразбираме кревање и носење тежок товар, работа во градина или домашни работи, туку таргетирани вежби за одредени делови од телото. Најдобра е некоја варијанта на истегнување и лесни вежби кои позитивно влијаат врз мускулната маса, коските и зглобовите. Секако, треба да се внимава на исхраната. Таа идеално би требало да биде медитеранска, а важно е да се избегнуваат пушењето и прекумерните количини алкохол. Тоа би биле седумте најважни ризик-фактори и петте најважни мерки за зачувување на здравјето на мозокот - заклучува Пољаковиќ Скуриќ.
Фото: magnific