Вештачка интелигенција наместо терапевт: половина од луѓето во тешка психичка криза бараат помош од чет-бот

Вештачка интелигенција наместо терапевт: половина од луѓето во тешка психичка криза бараат помош од чет-бот

Речиси секој трет анкетиран возрасен граѓанин, кој користи алатки за генеративна вештачка интелигенција (ВИ), навел дека побарал емоционална поддршка, совети за надминување на проблемите или помош во врска со менталното здравје од платформи како што се „Чет-ГПТ“ и „Џемини“. Но, меѓу корисниците што доживуваат тешки психички тегоби, тој удел расте на речиси секој втор, покажа новата студија на истражувачите од Универзитетот „Тел-Хаи“ од Кирјат Шмона во Галилеја.

Каква врска има психолошкото страдање со употребата на вештачката интелигенција

Студијата, објавена во списанието „Сајберпсихолоџи“, истражуваше како стиловите на афективна приврзаност и психолошкото страдање имаат врска со употребата на генеративната вештачка интелигенција од општа намена за поддршка во менталното здравје.

Истражувачите анкетираа 584 возрасни лица во Израел, на возраст од 18 до 70 години, кои користеле алатка за генеративна вештачка интелигенција од општа намена, како што е „Чет-ГПТ“, барем еднаш во текот на претходната година.

Учесниците беа регрутирани во ноември 2025 година преку онлајн панел, а податоците го опишуваат овој примерок, а не општата популација. Сè на сè, 29,3 проценти од испитаниците навеле дека ја користеле ВИ барем еднаш за емоционална поддршка, совети за надминување на тешкотиите или помош во врска со менталното здравје. Меѓу учесниците со тешки нивоа на психолошко страдање, 47 проценти пријавиле таква употреба.

Ефектите на ВИ во период на емоционална ранливост


Резултатите од студијата покажуваат дека психолошкото страдање е психолошка варијабла која е во најсилна врска со обраќањето кон вештачката интелигенција за поддршка. Помладите учесници и жените во значително поголема мера пријавувале користење на ВИ во врска со менталното здравје.

-Нашите наоди покажуваат дека многу луѓе, а особено оние што доживуваат сериозно страдање, им се обраќаат на системите за генеративна вештачка интелигенција за емоционална поддршка и водење. Овие алатки нудат моментална, пристапна интеракција и тоа без осудување, но тие не се дизајнирани да функционираат како даватели на услуги за ментално здравје. Високото ниво на употреба меѓу лицата во состојба на страдање ја нагласува итната потреба подобро да се разберат и можните придобивки и потенцијалните ризици од потпирањето врз вештачката интелигенција во текот на периодот на емоционална ранливост - изјави д-р Шовал.

Д-р Хадар Шовал забележа дека лицата со повисоко ниво на анксиозна приврзаност биле посклони да бараат поддршка за менталното здравје од ВИ-алатките. Меѓутоа, кога се земало предвид психолошкото страдање, анксиозната приврзаност повеќе не била значаен предиктор. Тие два фактора се цврсто поврзани и студијата не може да утврди што настапува прво.

Потребни се безбедносни протоколи

Авторите на студијата напоменуваат дека генеративната вештачка интелигенција сè повеќе функционира како вид неформално барање помош со посредство на ВИ. За разлика од стручњаците за ментално здравје или наменските дигитални терапевтски алатки, комерцијалните ВИ-системи немаат клинички мандат, ниту воспоставени заштитни механизми за управување со психолошки кризи.

Студијата не проценува дали овие интеракции со вештачката интелигенција биле корисни или штетни, ниту пак утврдува дали корисниците ја замениле стручната помош со вештачка интелигенција. Сепак, истражувачите истакнуваат дека широката употреба на овие алатки од страна на ранливите поединци бара поголемо внимание од клиничарите, истражувачите и донесувачите на одлуки.

-Разбирањето на дигиталните обрасци за барање помош кај пациентите станува важен дел од современата грижа за менталното здравје. Идните истражувања би требало да се фокусираат врз безбедноста, квалитетот на одговорите во кризни ситуации и прашањето дали ВИ служи како дополнување на стручната помош или, во некои случаи, ја заменува - рече Хадар Шовал.

Авторите нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се разбере како луѓето ја користат ВИ во вистински емоционални околности.

Извор: eklinika
Фото: magnific