Куче-херој спасува коали во пожарите во Австралија

Куче-херој спасува коали во пожарите во Австралија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Со оглед на тоа што Нов Јужен Велс и Квинсленд во Австралија се уништени од пожарите, голем дел од ресурсите се насочуваат таму. За жал, не само што се уништени домовите на луѓето туку настрадаа и многу животни. Поради ова, постојат екипи што проверуваат дали во областите со пожари има преживеани коали. Еден од најважните членови на овој тим е Бер - куче за откривање  коали, кое оперира во областите на Квинсленд.

- Нашето куче Бер носи надеж за коалите кои страдаат од смртоносните пожари во Австралија - но на овие животни им се потребни повеќе херои за да ги спасат од оваа катастрофа. Бер е интегрален дел од овие напори за спасување. Тој неодамна беше распореден во југоисточниот дел на Квинсленд и една од најтешко погодените области на Нов Јужен Велс. Бер е едно од ретките кучиња за откривање што можат да лоцираат коали во живо преку мирисот на крзното - изјави Меѓународниот фонд за благосостојба на животните на својата фејсбук-страница.

2
Фото: IFAW Australia

Бер е мешавина од расите коли и кули и е специјално обучен да најде болни и повредени коали во дивината. Вредното куче неодамна беше испратено во неколку изгорени области во Австралија за да најде коали што можеби се повредени и им е потребна помош.

Спасувањето на коалите не е лесна работа - кучињата за детектирање коали не треба да имаат интерес за луѓето, треба да бидат хиперфокусирани и без нагон за плен. За среќа, Бер ги исполнува барањата - кучето било напуштено пред неколку години од неговите сопственици и донесено во Конзервацијата за кучиња за детекција.

3
Фото: IFAW Australia

- Бер е брилијантно куче кое се фокусира на една работа - неговата топка е негова награда, што го прави совршен за оваа работа. Исто така, нема нагон за плен, што е неопходно за куче кое открива бидејќи треба да се фокусира само на мирисот, а не и на животното - велат од Меѓународниот фонд за благосостојба на животните.

4
Фото: IFAW Australia

- Пожарите продолжуваат да дивеат низ Австралија и претставуваат закана за животот на коалите. Во Нов Јужен Велс некои локални популации на коала се на работ на истребување. Дивиот свет на Австралија не може да се бори сам со оваа катастрофа. Мора да работиме заедно за да ги спасиме овие животни пред да биде доцна - информираат од Меѓународниот фонд за благосостојба на животните.