Единствената земја во Европа со целосна забрана за дронови

Единствената земја во Европа со целосна забрана за дронови

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Технологијата на беспилотни летала (дронови) се развива многу брзо во последните години. Малку е познато дека првиот лет со дрон бил направен во далечната 1917 година во Велика Британија.

Според Светската организација за интелектуална сопственост, бројот на патенти за беспилотни летала брзо се зголемува. Тој се зголемил од 7.076 во 2017 на 9.485 само во 2018 година. Но брзиот технолошки развој на технологијата не е придружен со правилата за регулација. Не постои меѓународен закон за користење на дроновите, па нивната употреба се разликува од земја до земја.

„Сурфшарк“ ги анализирале законите за користење беспилотни летала во 210 земји низ светот. Во најмалку 143 земји е донесена некаква регулатива за дроновите, а повеќето од нив се фокусираат на прецизни правила за нивно користење. Во некои земји беспилотните летала целосно се забранети, во некои се дозволува користење во ограничени околности, а има и земји каде што користењето е неограничено и такви во кои нема закон за користење дронови.

На секој континент барем една држава дозволува да се користи беспилотно летало надвор од видното поле на лицето што го управува леталото. Од друга страна, во земји како Куба, Ирак, Иран и Кувајт користењето на дронови е забрането.

Во Европа, 27% од земјите дозволуваат неограничено користење на дронови. Глобалниот просек е 18%. Европа е континент со најмногу препораки во законодавството за употреба на беспилотни летала.

Словенија е единствената земја во Европа што го забранува користењето на беспилотните летала. Мапата на „Сурфшарк“ покажува дека во Македонија е дозволено користење на дрон само во видното поле на управувачот.


Фото: Surfshark

Една третина од земјите во Северна Америка дозволуваат ограничено користење надвор од видното поле на управувачот. Во Јужна Америка, 67% од земјите дозволуваат користење беспилотни летала само во видното поле на управувачот, а ниту една држава целосно не го забранува користењето на дроновите.

 На Блискиот Исток и во централна Азија дури 21% од земјите ги забрануваат дроновите, а во цела Азија 15% од земјите имаат таква забрана. Дури 56% од земјите во Океанија немаат никаков закон за беспилотни летала, а тоа е случај со над половина од земјите во Африка.

Автор: Горден Кнезовиќ
Извор: mreza.bug.hr
Насловна фотографија: Pixabay