Прв во Грција во спуст со ендуро велосипед, бестрашниот Јовче Даскаловски од „Екстрим бајк тим Битола“

Прв во Грција во спуст со ендуро велосипед, бестрашниот Јовче Даскаловски од „Екстрим бајк тим Битола“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сѐ поголем замав зема даунхил-велосипедизмот кај младите, во велосипедските паркови низ Австрија во март намерно го топат снегот за да започне што е можно порано сезоната на планински велосипедизам, но, за жал, во Македонија има само две специјално наменети патеки за овој спорт, вели Даскаловски

Кога првпат ја виде патеката што треба да ја вози на даунхил-купот во Грција, онеме. Не од страв, туку од предизвик. Патеката се состоеше и од 40 метри должински спуст со стрмнина до 60 проценти, каменест предел кој на крај завршуваше со пад висок 3 метри. Вистински хорор. Но, токму таа патека му донесе уште една меѓународна слава. Најдобриот даунхил-велосипедист во земјава, битолчанецот Јовче Даскаловски од „Екстрим бајк тим Битола“, го постигна својот најголем успех на меѓународната трка што неодамна се одржа во Грција. Тој го освои првото место во дисциплината сингл краун, наменета за ендуро тип на велосипед, додека во генерален пласман беше петти од 78 натпреварувачи. Инаку, даунхил е спуст со посебен велосипед на планина и само по одредени стрмни патеки и претставува еден од најекстремните адреналински спортови, а Даскаловски трипати се натпреварувал во Грција.



Храброста не е нешто што се учи во овој спорт

- Од аспект на тежина, патеката е доста комплексна, со многу елементи,технички секции, огромни скокови и доста моменти за педалање, што бара огромна физичка спремност. Со оглед на присуството на еден од најдобрите возачи во светот, Фил Атфил од Англија, неколку велосипедисти од Грција што возат на европски првенства низ континентов, ова беше најголемата конкуренција со која досега сум се соочил. Кога гледаш како други велосипедисти ја минуваат секцијата, полека си влеваш храброст дека мораш да се обидеш зашто сепак на крајот од денот не играме шах. Ова е таков вид спорт каде што храброста не е нешто што се учи - вели Даскаловски.

Штом се појави на натпреварите во Грција, стана неприкосновен победник во неговата дисциплина. Пред три години се натпреваруваше на даунхил-трка во Солун, а пред две во Костур, каде што во истата категорија сингл краун изби на првото место. Со оглед на условите и можностите што ги имаат велосипедистите во нашата држава, постигнатиот резултат во генерален пласман не е за потценување во однос на светските и европските натпреварувачи што победија. За Даскаловски, тоа е огромен мотив и волја за уште поголеми резултати во иднина.



Даунхил-велосипедизмот зема замав во Европа

Ова му е 14. есен во тој свет. Се присетува на есента 2008 година кога на Пелистер се организира првиот даунхил-куп од страна на „Екстрим бајк тим Битола“, каде што сега тој е еден од сопствениците, а по тој момент овој спорт доживеа бум во Битола. Многу млади ентузијасти купија МТБ-велосипеди, започна едно движење кое зеде замав.

- Оттогаш, па сѐ до недоглед оваа љубов нема да згасне, ова е буквално „тешка дрога“ во позитивна смисла на зборот која создава голема зависност од овој спорт. Успехот, пред сѐ, е состојба на умот, но за тоа да се преточи во реалноста, потребни се премногу работа, многу време посветено на возење, на различни патеки, многу кондициони тренинзи, исхрана и секако искуство градено низ годините. Јас лично возам и ќе возам без разлика дали ќе се тркам или не, едноставно ова за мене е половина живот - вели Даскаловски.



Спустот со велосипед по стрмна планинска патека изгледа страшно за луѓето што не се навлезени во овој спорт. Даскаловски вели дека кога и да оди да вози на даунхил-патеката на Пелистер, стравот и адреналинот се присутни кај него, без разлика на стекнатата самодоверба и познавањето на теренот. Самата помисла на тешките делови го тера да реагира спонтано, а адреналинот е тој што создава голема зависност.

- Како еден од најискусните МТБ-велосипедисти во нашата држава, на секој еден љубител на природата, му препорачувам велосипедизмот да му биде хоби. Не мора да оди на трки и слично, доволно е неколку пати неделно да се рекреира и на полесни планински патеки. Тоа е здрав живот, добри навики. Застапеноста на овој спорт во Европа достигнува невидени размери во последните пет години. За пример ќе кажам дека во велосипедските паркови низ Австрија во март намерно го топат снегот за да започне што е можно порано сезоната на планински велосипедизам - вели Јовче.

Потребна е поголема поддршка од институциите

И во Македонија сѐ повеќе млади возат даунхил, а допрва се очекува овој екстремен спорт да доживее кулминација. Моментално „Екстрим бајк тим Битола“ предничи со многу нови млади кадри кои сакаат да возат екстремно, па и даунхил-трки. Има над 20 нови млади велосипедисти почнувајќи од 12 години, па нагоре. Ситуацијата е малку деликатна поради екстремноста на спортот, па нормално дека не е за секого. Меѓутоа, замавот што го зеде во последните две-три години е добар ветер в грб за иднина на овој спорт.

Иако расте бројот на даунхил-велосипедисти, во земјава сѐ уште има само две патеки за таа намена. Едната на Пелистер, а втората на Топташ во Прилеп. „Екстрим бајк тим Битола“ веќе три години работи на изградба на нова ендуро даунхил-патека во близина на Битола со цел поголема достапност за секојдневни тренинзи и активности. Нашата држава изобилува со планини и патеки кои официјално не се наменети за овој спорт, но можат да послужат за вежбање. Меѓутоа, тоа се истовремено и планински патеки каде што нема елементи што велосипедистите ги бараат. Па, даунхил-велосипедистите се борат да допрат до сите институции за поголема поддршка со цел градење повеќе и флоу и даунхил-патеки. Тоа е единствен начин за поголема афирмација на овој спорт.



- Имаме смешна поддршка од страна на државните институции, 95 отсто од нив не знаат што е тоа маунтин бајкинг (планински велосипедизам) или даунхил (спуст со велосипед). Кај нас луѓето знаат само за фудбал, кошарка, ракомет и други комерцијални спортови, а за адреналинските спортови се нема апсолутно никаков слух.... За пофалба е град Скопје, каде што на Водно се направи апхил-патека за искачување и флоу-патека за спуст надолу, додека во Битола, каде што моментално доминираме последните години од страна на масовност на нови велосипедисти и настани, никој ни прашал, ни пробал да помогне за нешто конечно да се подобри во овој спорт. Ние како клуб имаме спремни проекти за нови патеки, нови идеи, останува уште тој што треба да помогне, конечно да се реши на тој чекор - потенцира Даскаловски.



Фото: приватна архива