Ако сте паметни, тогаш зошто не сте богати?

Ако сте паметни, тогаш зошто не сте богати?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Најуспешните луѓе не се најталентирани, туку само имаат среќа, покажува новиот компјутерски модел на создавање богатство.

Дистрибуцијата на богатство следи добро позната шема што понекогаш се нарекува правило 80:20: 80 отсто од богатството е во сопственост на 20 отсто од луѓето. Навистина, извештајот од минатата година заклучи дека само 8 мажи имале вкупно богатство еквивалентно на она на најсиромашните 3,8 милијарди луѓе во светот.

Ова се чини дека се случува во сите општества, на сите нивоа. Тоа е добро проучен модел наречен закон за моќ што се карактеризира со широк спектар на општествени феномени. Но, распределбата на богатството е меѓу најконтроверзните поради проблемите што ги покренува за правичност и заслуги. Зошто толку малку луѓе имаат толку многу богатство?

Конвенционалниот одговор е дека живееме во меритократија во која луѓето се наградени за нивниот талент, интелигенција, напор и така натаму. Со текот на времето, многу луѓе мислат дека ова се претвора во дистрибуција на богатството што го гледаме, иако здрава доза на среќа може да игра улога.

Но, постои проблем во врска со оваа идеја: додека дистрибуцијата на богатството го следи законот за моќ, распределбата на човечките вештини обично следи нормална дистрибуција што е симетрична во однос на просечната вредност. На пример, интелигенцијата, мерена со IQ тестови, го следи овој модел. Просечниот IQ е 100, но никој нема IQ од 1.000 и 10.000.

Истото важи и за трудот, мерено според работените саати. Некои луѓе работат повеќе саати од просекот, некои работат помалку, но никој не работи милијарда пати повеќе од некој друг. А, сепак, кога станува збор за наградата за оваа работа и труд, некои луѓе имаат милијарда пати поголемо богатство од другите луѓе. Всушност, многу истражувања покажуваат дека најбогатите луѓе генерално не се најталентирани.

Тогаш, кои фактори одредуваат како поединците стануваат богати? Дали е можно шансата да игра поголема улога отколку што е очекувано? И како овие фактори, без оглед кои се, може да се искористат за да се направи светот подобро и поправедно место?

Денес добиваме одговор благодарение на работата на Алесандро Плучино од Универзитетот „Катанија“ во Италија и неколку негови колеги. Овие момци создале компјутерски модел на човечки талент и начинот на кој луѓето го употребуваат за да ги искористат можностите во животот. Овој модел му овозможува на тимот да ја проучува улогата на среќа во овој процес.

Резултатите ги отвораат очите. Симулациите прецизно ја репродуцираат распределбата на богатството во реалниот свет. Но, најбогатите луѓе не се најталентирани (иако мора да имаат одредено ниво на талент). Тие имаат најмногу среќа. И ова има значајни импликации за начинот на кој општествата можат да ги оптимизираат враќањата што ги добиваат за инвестиции во сѐ, од бизнис до наука.

Моделот на Плучино е едноставен. Се состои од „N“ луѓе, секој со одреден степен на талент (вештина, интелигенција, способност и така натаму). Овој талент е дистрибуиран нормално околу некое просечно ниво, со стандардни отстапувања. Така, некои луѓе се повеќе талентирани од просекот, а некои помалку, но никој не е премногу поталентиран од некој друг.

Ова е ист вид дистрибуција што се гледа за различни човечки вештини, па дури и карактеристики како висина или тежина. Некои луѓе се повисоки или пониски од просекот, но никој не е со големина на мравка или облакодер. Всушност, сите сме слични.

Компјутерскиот модел го прикажува секој поединец низ работниот век од 40 години. Во ова време индивидуалците доживуваат среќни настани што можат да ги искористат за да го зголемат своето богатство, ако се доволно талентирани.

Сепак, тие исто така се соочуваат со несреќни настани што го намалуваат нивното богатство. Овие настани се случуваат по случаен избор.

На крајот Плучино ги рангирал поединците според богатството и ги проучувал карактеристиките на најуспешните. Исто така, тој ја пресметал распределбата на богатството, а потоа ја повторил симулацијата многу пати за да ја провери робусноста на исходот.

Кога Плучино и тимот ги рангирале поединците според богатството, дистрибуцијата е токму она што се гледа во реалните светски општества.

- Правилото 80:20 се почитува, бидејќи 80 отсто од населението поседува само 20 отсто од вкупниот капитал, додека останатите 20 отсто поседуваат 80 отсто од истиот капитал - пишува Плучино.

Oва можеби не би било изненадување или неправедност ако најбогатите 20 отсто се најталентираните. Но, тоа не е така. Најбогатите луѓе обично не се најталентирани или не се ни близу до талентот.

- Максималниот успех никогаш не се совпаѓа со максималниот талент и обратно - велат истражувачите.

Ако не е талентот, тогаш кој друг фактор ја предизвикува оваа изопачена распределба на богатството?

- Нашата симулација јасно покажува дека таквиот фактор е само чиста среќа - вели Плучино.

Тимот го покажува ова со рангирање на поединци според бројот на среќни и несреќни настани што ги доживеале во текот на 40-годишните кариери.

- Евидентно е дека најуспешните индивидуалци имаат и најголема среќа, а помалку успешните индивидуалци исто така се оние што немаат воопшто среќа - вели Плучино.

Тоа има значајни импликации за општеството. Која е најефективната стратегија за искористување на улогата на среќата во успехот?

Плучино и неговите соработници го искoристиле својот модел за да истражуваат различни видови модели за финансирање за да видат кој модел произведува најдобри резултати кога се зема предвид среќата. Тимот проучувал три модели, во кои финансирањето за истражување било еднакво распределено на сите научници; дистрибуирано по случаен избор на подгрупа на научници; или да им биде дадено на оние што биле најуспешни во минатото. Која е најдобрата стратегија?

Најдобрата стратегија е да се поделат финансиските средства меѓу сите истражувачи. Во овие случаи истражувачите најдобро можат да ги искористат предностите на сериозните откритија што ги прават одвреме-навреме. Во ретроспектива, очигледно е дека научникот кој открил важно откритие во минатото не значи дека има голема веројатност да открие и во иднината. Сличен пристап би можел да се примени и за инвестирање во други претпријатија, како што се мали или големи бизниси, технолошки стартапи, образование што го зголемува талентот, па дури и создавање случајни среќни настани.