Дали демократијата секогаш е поврзана со вистината? Можеби треба да ги олабавиме нашите ставови за да ги намалиме нашите поделби

Дали демократијата секогаш е поврзана со вистината? Можеби треба да ги олабавиме нашите ставови за да ги намалиме нашите поделби

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Светот се наоѓа во криза на вистината. Довербата во јавните институции (училишта, традиционални медиуми, универзитети и експерти) е на најниско ниво, а луѓето што шират лаги привлекуваат политичка поддршка низ целиот свет.

Нервозата на демократите пред оваа епистемолошка криза делумно се базира на широко распространетата претпоставка дека идејата за демократија зависи од вредноста на вистината. Но, дури и оваа претпоставка има цена. За жал, демократската тенденција да се пренагласи вредноста на вистината влегува во конфликт со другите демократски барања. Ова нè води во противречности што стануваат храна за непријателите на отворените општества.

Филозофите презентирале неколку аргументи за оваа врска помеѓу вистината и демократијата. Најраспространетиот е исто така и најсуров: демократијата се залага за сите работи што ни се допаѓаат, а вистината е една од нив. Но, постојат пософистицирани начини да се докаже поентата. Германскиот филозоф Јирген Хабермас тврди дека здравата демократија има делиберативна култура и дека дејствувањето бара „тврдења за валидност“. Кога зборуваме за политика, мора да се потрудиме да се увериме дека она што го кажуваме е вистина.

Марија Реса, филипинска новинарка и добитничка на Нобелова награда за мир, слично тврди дека на демократијата ѝ е потребна вистина затоа што: „Без факти, не можете да имате вистина. Без вистина, не можете да имате доверба. Без сите три, немаме споделена реалност, а демократијата каква што ја знаеме - и сите значајни човечки напори - се мртви.“

Но, дали навистина ни е потребна вистина за да споделиме реалност? Во практика повеќето од нашите искуства со споделени реалности не се дел од вистината. Помислете на митовите, чувството за заедница, можеби дури и религијата и секако на крајната споделена реалност: самата култура. Би било тешко да се тврди дека ја споделуваме културната реалност на нашата заедница затоа што нашата култура е вистинита или затоа што ние веруваме дека е вистинита.


Некои би можеле да тврдат дека демократијата е врзана за вистината затоа што вистината е некако неутрална. Се разбира, популистичкото сомневање кон експертите често е изразено во демократски јазик: вредноста на вистината има цел да ја поддржи таканаречената тиранија на експертите.

Но, клучна поента овде е дека експертите што имаат цел да ја кажат вистината, за разлика од лажговците или популистите, мора да бидат одговорни. Тие се предмет на правилата на вистината. Затоа, демократијата е потенцијално повеќе врзана за одговорност отколку што е нужно поврзана со вистината.

„Смислен човечки напор“


Вистинскиот човечки живот бара не само познавање на фактите за реалноста, туку и субјективно разбирање на светот и на своето место во него. Често забораваме дека иако одат заедно, овие два барања можат да бидат и во конфликт. Ова е така затоа што вистината се занимава со факти, додека значењата се занимаваат со толкувања.

Разбирањето, за разлика од знаењето, е прашање на тоа како го гледаме светот, нашите навики на размислување и на културните конструкции - главно идентитети, вредности и институции. Овие работи ја исполнуваат својата функција да нè натераат да се чувствуваме како да припаѓаме во светот.

Премногу често демократскиот дух ги дисквалификува овие работи како предрасуди и суеверие. Застапниците на демократската вистина би направиле добро ако се сетат дека светот што демократијата се обидува да го изгради е свет на смислен човечки напор, а не само суво знаење и утврдување факти.

Актуелните настани покажуваат дека сето ова има сериозни политички последици. Инсистирањето на вистината и обезвреднувањето на значењето доведоа до добро познатата модерна депресија, честопати опишана како чувство на отуѓеност - раскинување на социјалните, историските и традиционалните врски - едни со други и со самите себе.

Ова отуѓување обезбеди почва за популистите и антидемократите, кои се претставуваат како коректив на кризата на значењето. Не е залудно што темите што се повторуваат во современиот популизам се оние на припадност, традиција, идентитет, потекло и носталгија.

Доживуваме криза на вистината, но се соочуваме и со криза на значењето. Кога претеруваме со вистината пред и наспроти значењето, поттикнуваме чувство на отуѓеност и ја предаваме јавноста во рацете на нејзините непријатели. Наместо тоа, би можеле да се потсетиме дека посветеноста кон вистината е само еден, многу делумен услов за вистински човечки живот, меѓу многу други животи, па така соодветно да ги градиме нашите демократии.

Извор: theconversation.com

Фото: Freepik