Еден клучен фактор предвидува долговечност подобро од исхраната или вежбањето
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Она што го добивате со останувањето будни доцна во ноќта можеби го скратува вашиот живот, покажува ново истражување кое краткиот сон го поврзува со пократок животен век.
Иако лошиот сон претходно бил поврзан со низа здравствени проблеми и пократок живот, најновото истражување открива дека доволното спиење има посилна врска со долговечноста отколку исхраната и вежбањето, фактори за кои е познато дека додаваат години на животот.
Истражувачи од Универзитетот за здравство и наука во Орегон ги анализирале податоците од анкети во САД за периодот од 2019 до 2025 година. Животниот век бил спореден со должината на сонот, при што помалку од седум часа ноќе се сметало за недостиг на сон.
Потоа биле земени предвид и други фактори што можат да влијаат врз долговечноста, вклучувајќи физичка неактивност, работен статус и ниво на образование. Поврзаноста помеѓу недоволниот сон и пократкиот животен век останала силна. Само пушењето покажало поголема врска.
- Не очекував дека недоволниот сон ќе биде толку силно поврзан со животниот век. Секогаш сме сметале дека сонот е важен, но ова истражување го нагласува тоа и ги советува луѓето да почнат да спијат од 7 до 9 часа навечер - вели физиологот за сон Ендру Мекхил.
Доволниот сон е витален за речиси секој аспект на нашето здравје: само една ноќ недостиг на сон може да влијае врз мозочните мрежи и имунолошкиот систем. Истражувањето нагласува дека здравствените проблеми како дебелината и дијабетесот, кои се поврзани со лошиот сон, можат да го скратат животниот век.
Добрата вест е дека нашите навики за спиење се, барем до одреден степен, подложни на промена во рамките на обврските на работа и грижа за другите.
- Ова истражување покажува дека сонот треба да ни биде приоритет барем колку она што го јадеме или како вежбаме. Не само што ќе ни го подобри севкупното здравје, туку и долговечноста - вели Мекхил.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik