Холандско село ќе наплаќа влез - минатата година го посетиле 2,6 милиони туристи

Холандско село ќе наплаќа влез - минатата година го посетиле 2,6 милиони туристи

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Историското село Зансе Сханс, познато по своите ветерници, напролет ќе почне да наплаќа влез за туристите. Цената на билетот ќе изнесува 17,50 евра.
 
Минатата година селото го посетиле 2,6 милиони луѓе, што е исклучително голем број за место со само околу 100 жители.

Директорката на селскиот музеј, Мариеке Вервеј, објаснува зошто е донесена ваквата одлука.


- Во 2017 година имавме 1,7 милиони посетители. Оваа година одиме кон 2,8 милиони. Но, ова е мало место. Едноставно немаме простор за сите тие луѓе - вели таа и додава дека посетителите често не знаат дека во селото навистина живеат луѓе, па влегуваат во нивните дворови и куќи, вршат нужда во приватни дворови, чукаат на врати, се фотографираат и користат селфи-стапови за да ѕирнат во домовите. Поради тоа, одлуката за наплата не е изненадувачка.

Сепак, таа предизвика силни реакции во локалната заедница, политички тензии и отворено противење од претприемачите кои работат во селото.

Одлуката за воведување наплата ја донесе општинскиот совет на селото, кој гласаше за одобрување на предлогот по неколкунеделен отпор од локалните бизниси и жестока политичка дебата.

Мнозинството советници го поддржаа планот предложен од градоначалникот и советниците, според кој приходите од билетите ќе се користат за долгорочно одржување и управување со ова познато културно-историско место.


Советникот Весел Бреунесе изјави дека целта е туристите да учествуваат во финансирањето на зачувувањето на селото.

Според него, билетот треба да послужи како почетна точка за развој на повеќегодишна финансиска стратегија и одржлив бизнис-модел во кој приходите и расходите ќе бидат избалансирани. Тој нагласи дека советот и понатаму ќе носи дополнителни одлуки за да се оцени спроведувањето на финансискиот план.

Планот наиде на силно противење од локалните претприемачи кои зависат од постојаниот прилив на туристи. По првичната најава за билет од 17,50 евра, тие предупредија дека таквата цена може сериозно да им го загрози работењето и понудија алтернативни решенија.

И покрај противењето, советот продолжи со спроведување на планот и усвои неколку амандмани. Меѓу нив се гаранции дека околу селото нема да се гради физичка ограда, како и дека за жителите ќе има слободен пристап.

Извор: 021.rs
Фото: Instagram