Колку заработија најбогатите луѓе во технолошкиот сектор во 2025 година?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Технолошката индустрија во 2025 година уште еднаш покажа колку брзо може да расте богатството, но и колку станаа екстремни разликите меѓу најбогатите. Иако речиси сите големи играчи ја завршија годината побогати отколку што ја започнаа, темпото на раст не беше исто за сите.
Додека некои профитираа од експлозијата на вештачката интелигенција, растот на вредноста на акциите и пазарниот оптимизам, други се движеа значително побавно, а имаше и такви чие богатство реално се намали.
Колку заработија најбогатите во технолошкиот свет во 2025 година?
Најголемиот добитник во технолошкиот свет во 2025 година е Илон Маск. Во текот на годината неговото богатство се зголеми за повеќе од двесте милијарди долари благодарение на растот на вредноста на „Тесла“, дополнителното зајакнување на „Спејс икс“ и поволните пазарни процени на приватните удели. Маск во текот на годината повеќепати ги соборуваше сопствените рекорди, а крајот на 2025 го дочека како убедливо најбогатата личност поврзана со технологијата.
Голем скок забележаа и основачите на „Гугл“, Лери Пејџ и Сергеј Брин. Растот на вредноста на „Алфабет“ во 2025 директно се одрази и врз нивниот личен биланс. Така, Пејџ го зголеми своето богатство за околу 90 милијарди долари, додека Брин ја заврши годината со раст што се приближува до 80 милијарди.
ВИ - симбол кој мораше да биде тука
Посебно место во 2025 година зазеде Џенсен Хуанг. Иако не е сопственик на компанијата во класична основачка смисла, Хуанг е лицето на „Нвидија“, компанија која стана ’рбетот на глобалната инфраструктура на вештачката интелигенција. Во текот на годината растот на вредноста на акциите на „Нвидија“ му донесе зголемување на богатството.
Хуанг не спаѓа меѓу апсолутно најбогатите бидејќи не ја контролира компанијата како Маск или Пејџ, но е еден од луѓето што директно финансиски профитираа од експанзијата на ВИ.
Кој растеше побавно и изгледаше како да стагнира?
Иако сè уште е екстремно богат, Џеф Безос немаше година за паметење во споредба со конкуренцијата. Неговото богатство навистина порасна, но во рамки од десетина милијарди долари, што во контекст на оваа година изгледаше повеќе како стагнација отколку како вистински раст.
Слична е ситуацијата и кај Марк Закерберг. Во текот на годината „Мета“ имаше стабилни резултати, но без експлозивни скокови какви што забележаа другите ВИ-фаворити. Закерберг ја заврши годината побогат за десетици милијарди долари, што е значаен раст, но недоволен за да се најде меѓу апсолутните добитници на 2025.
Кој изгуби пари во текот на годината?
За разлика од поголемиот дел од технолошката елита, Чангпенг Жао ја заврши 2025 година во минус. Неговото богатство во текот на годината се намали за неколку милијарди долари, како последица на притисоците врз крипто-индустријата, регулаторните проблеми и промените во процените на вредноста на компанијата.
Иако не станува збор за драматичен пад во апсолутни бројки, фактот дека годината во која другите заработуваа десетици и стотици милијарди за него беше негативна, доволно зборува за промената на пазарното расположение.
2025 година јасно ги подели технолошките милијардери на оние што беа директно поврзани со вештачката интелигенција и инфраструктурата на иднината и оние што се потпираа на стабилен, но побавен раст. Разликите во заработката никогаш не биле поголеми, а концентрацијата на богатството на самиот врв дополнително се засили.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik