Откриена најстарата клада за кремирање луѓе во Африка

Откриена најстарата клада за кремирање луѓе во Африка

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Пред околу 9.500 години заедница на ловци-собирачи во Централна Африка кремирала жена на отворена клада во подножјето на планината Хора, во северниот дел на Малави – ова се податоци од нова студија на меѓународен тим со седиште во САД, Африка и Европа. Ова е прв пат да биде документирано вакво однесување во записите на африканските ловци-собирачи.

Студијата дава најрани докази за намерно кремирање во Африка и ја опишува најстарата позната клада за кремирање во светот, што содржи остатоци од возрасен човек.

Додека изгорени човечки останки се појавуваат уште од пред приближно 40.000 години на езерото Мунго, Австралија, кладите - намерно изградени структури од запаливо гориво - не се појавуваат во археолошките записи сè до речиси 30.000 години подоцна.

Користејќи археолошки, геопросторни, форензички и биоархеолошки методи, вклучувајќи микроскопско испитување на седиментите од кладата и детална анализа на фрагментите од човечки коски, истражувачите ја реконструирале извонредната низа на настани околу кремацијата со невидени детали. Нивните наоди покажуваат дека однесувањата на древните африкански ловци и собирачи на храна биле многу посложени отколку што се сметало претходно.

- Кремирањето е многу ретко кај древните и модерните ловци-собирачи, барем делумно, затоа што кладите бараат огромна количина на труд, време и гориво - истакнала водечката авторка Џесика Серезо-Роман, вонреден професор по антропологија на Универзитетот во Оклахома.

- Ова не само што е најраното кремирање во Африка, туку било и спектакл  - додала главната авторка Џесика Томпсон, вонреден професор по антропологија на Универзитетот „Јејл“.

Најстариот доказ за клада датира од пред околу 11.500 години од археолошкото наоѓалиште „Хаасаа На“ во Алјаска и содржи остатоци од дете старо околу три години. Пред откривањето на кладата на планината Хора, првите дефинитивни кремирања се појавиле пред околу 3.500 години во Источна Африка и биле поврзани со сточарите од неолитот.

Кремирањето е почесто кај древните општества кои произведувале храна, кои генерално поседуваат посложена технологија и се вклучуваат во посложени погребни ритуали од претходниците ловци-собирачи.


Археолошките истражувања во 50-тите години откриле дека местото се користело како гробишта на ловци-собирачи, но останало непознато колку долго време. Работата на Томпсон, која започнала во 2016 година, покажала дека луѓето првпат го населувале местото пред околу 21.000 години и го користеле за погребувања пред околу 16.000 и 8.000 години, при што сите луѓе биле погребани во целосна состојба.

Спротивно на тоа, кладата од пред приближно 9.500 години била дел од структура со големина на дупли кревет и содржела една високо фрагментирана индивидуа. Нема докази дека некој друг бил кремиран на местото пред или потоа.

Анализата на 170. фрагменти од човечки коски ископани од кладата - претежно од раце и нозе - покажува дека кремираното лице била возрасна жена помеѓу 18 и 60 години и висока нешто помалку од 1,50 метар. Со преглед на нејзините коски и моделите на термичка промена, тимот утврдил дека нејзиното тело било кремирано пред распаѓањето, веројатно по неколку дена од нејзината смрт. Исечениците на неколку коски на екстремитетите покажуваат дека делови од нејзиното тело биле отстранети или оштетени.

Извор: phys.org

Фото: Freepik