Зрелоста почнува дури по 30-тата година, покажува ново истражување

Зрелоста почнува дури по 30-тата година, покажува ново истражување

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Студија од Универзитетот „Кембриџ“, базирана на скенирање на мозокот на речиси 4.000 луѓе, од бебиња до лица во 90-тите години, ги следела невронските врски и нивниот развој во текот на целиот живот. Резултатите откриле пет широки фази, со клучни пресвртни точки околу 9, 32, 66 и 83 години.

- Кога ќе се свртиме наназад, многумина од нас чувствуваат дека нашите животи се поделени во различни фази. Разбирањето дека структурното патување на мозокот не е прашање на постојана прогресија, туку на серија составена од големи пресвртници, ќе ни помогне да разбереме кога и како неговата невронска мрежа е подложна на нарушувања - вели професорот Данкан Астл, истражувач по невроинформатика на „Кембриџ“ и главен автор на студијата.

Клучни фази на развој на мозокот

Детство

Според студијата, детството трае од раѓање до околу деветгодишна возраст, кога децата влегуваат во адолесценција.


Адолесценција


Истражувањата покажуваат дека адолесценцијата трае до околу 32-годишна возраст, кога всушност започнува зрелоста.

- Ова е единствениот период во кој мрежата на неврони станува поефикасна - велат истражувачите.

Зрелост

Ова е фазата кога мозокот достигнува „стабилност“ и трае околу три децении.

- Промените се побавни од порано, но тука подобрувањата во ефикасноста на мозокот се обратни - објаснуваат истражувачите.

Рано стареење

Започнува околу 66-годишна возраст, но истражувачите нагласуваат дека ова не е ненадеен пад, туку период во кој се менуваат моделите на поврзување на мозокот. Иако студијата ги испитувала здравите мозоци, ова е исто така возраста кога почнуваат да се појавуваат деменцијата и високиот крвен притисок, кои влијаат врз здравјето на мозокот.


Доцно стареење

Последната фаза се јавува околу 83-годишна возраст. Податоците се поограничени бидејќи е тешко да се најдат здрави мозоци за скенирање. Промените во мозокот се слични на раното стареење, но уште поизразени.

Може да помогне во разбирањето на стареењето на мозокот

- Многу невролошки, ментални и развојни нарушувања се поврзани со начинот на кој е поврзан мозокот. Разликите во поврзувањето на мозокот предвидуваат тешкотии во вниманието, јазикот, меморијата и многу други однесувања. Разбирањето дека структурниот развој на мозокот не е континуиран напредок, ќе ни помогне да препознаеме кога и како мозокот е подложен на нарушувања - истакнува професорот Данкан Астл.

Извор: 24sata.hr

Фото: Freepik