УКИМ е на 1.526. место во светот на најновата листа на „Вебометрикс“, напредок за 68 места од лани

УКИМ е на 1.526. место во светот на најновата листа на „Вебометрикс“, напредок за 68 места од лани

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Веб-страницата „Вебометрикс“, која прави рангирање на универзитетите во светот, ја објави годинашната ранг-листа на најдобри универзитети. Универзитетите се рангирани според нивното влијание, отвореност и исклучителност.

На првите три места се наоѓаат универзитети од САД. Прв е „Харвард“, а по него следуваат „Стенфорд“ и Технолошкиот институт во Масачусетс.

Од универзитетите во Македонија, на највисоко место се наоѓа Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а се наоѓа на 1.526. место. Тоа е раст во споредба со минатата година, кога бил на 1.594. место во светот.

Вториот најдоброрангиран македонски универзитет - „Гоце Делчев“ во Штип се најде на 3.632. место. Универзитетот на Југоисточна Европа се најде на 4.369. место на ранг-листата. На 4.631. место се најде Државниот универзитет во Тетово, а на 5.047. место е Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола.

Американскиот универзитет на Европа - ФОН е најлошо рангиран универзитет во Македонија и се наоѓа дури на 26.051. место.


Фото: Webometrics (printscreen)

Извор: Webometrics
Насловна фотографија: Wikipedia