Менструацијата сѐ уште се доживува како женска тема и „нечиста“ работа, вели Светлана Петковска, претседателка на Организацијата на жени од Битола, вклучена во проект за менструална правда
И во 21 век за менструацијата претежно се зборува во женски друштва, а доколку има мажи, оваа тема се прескокнува. Младите девојчиња раскажуваат дека сѐ уште е срамно доколку за време на циклус ја извалкаат облеката, па мора да се кријат за да избегнат погледи од средината или во најлош случај - да бидат исмејувани од учениците.
-На школо имав многу непријатно искуство во седмо одделение. Бевме во кабинетот по природни науки каде што седевме на столчиња што имаа жолт тапацир. Ми се случи да имам обилна менструација и да не додржи влошката. Станав на крајот од часот и забележав дека сум го извалкала столот. Но, тоа го забележаа две момчињата во класот, па почнаа да ми викаат „Марија има менструација“. До другиот ден цело училиште знаеше што ми се случи, ми се потсмеваа во ходниците, шепотеа зад мене, како да добив тифус, а не природна појава - вели Марија Ристовска, средношколка од Битола.
Во училишните тоалети нема хартија, камоли бесплатни влошки
Млади девојки кажуваат дека и покрај сите реклами за хигиенски производи што се користат за време на циклус, во земјава сѐ уште има девојчиња кои не можат да си дозволат да купат влошки колку што им се потребни, па ги заменуваат со крпчиња. За еден циклус, само за квалитетни влошки треба да платат по 500 денари, ако кон тоа се додаде и пакување тампони, тогаш издатокот е над десет евра.
- Јас сум од Штип и студирам во Скопје. Гледам колку што е можно да заштедам и да го поминам студирањето без премногу да ги трошам родителите. Се обидов да штедам и на влошки со тоа што ќе купам од поевтините. Но, на крај сфатив дека е попусто. Доколку земете со послаб квалитет, побрзо ќе се потрошат и ќе купите повеќе пакувања, односно ќе ги дадете истите пари - вели Светлана Јовановска.
За разлика од некои европски држави каде што по училиштата бесплатно се делат влошки, во Македонија тоа се случува само во рамки на одредени проекти, кои се многу ретки.
-Во нашите училишта по тоалетите нема тоалетна хартија, а не пак бесплатни влошки. Никој никогаш не го става тоа на дневен ред ни на Совет, ни на Одбор на родители, ни на Наставнички совет. Еднаш предложив да најдам спонзори и да обезбедиме бесплатни влошки за школото, но директорот ми рече: „Сакаш мајтап да си игра градот со нас“ - раскажува Ана Јовановска, член на Совет на родители од прилепско училиште.
Во женски друштва се зборува за менструација, но ова не е машка тема
Во денешно време, кога за многу работи паднаа табуата и стигмите, сѐ уште многу малку се зборува за менструацијата и многумина уште ја сфаќаат како „нечиста“ работа, посочуваат од Организацијата на жени од Битола. За да се надминат ваквите застарени сфаќања за менструалниот циклус, кој е сосема природна појава, Организација на жени од Битола заедно со Здружението на граѓани „Саншајн кидс“ од Кичево, а во соработка со Граѓански ресурсен центар и со финансиска поддршка од ЕУ, го реализираат проектот „Менструална правда“.
-Се одлучивме за ваква тема поради избегнувањето да се зборува за неа во околината, во домот, во училиштата. Она што го истраживме претходно покажува дека само во женски друштва се зборува за менструација, а доколку има мажи, жените потешко зборуваат на оваа тема, сметајќи дека таа е соодветна само за „женскиот свет“ - вели Светлана Петковска, претседателка на Организацијата на жени од Битола.
Од Организацијата посочуваат дека стигмата е останата од минатото и се провлекува низ годините кога мајките тешко разговарале дури и со своите ќерки на оваа тема.
-Имаме потврди од жени кои во моментов имаат од 60 до 70 години, кои со своите мајки воопшто не зборувале на оваа тема, сами се грижеле за хигиената во деновите на менструален циклус. Сѐ уште има вакви случаи кои ја потврдуваат стигмата. Многу често девојката која добила циклус се срами да сподели дури и со својата мајка, а со таткото речиси никоја не споделува - вели Петковска.
Само 7 проценти од девојчињата зборуваат со татковците за менструалниот циклус
Од влезните анкети што ги направиле пред да го започнат проектот, од над дваесет анкетирани девојки, многу мал дел, односно околу 7 проценти кажале дека имале разговарано со таткото за својот менструален циклус.
-Едноставно менструацијата е тема за која многу малку се зборува, каде било. Многумина ја сфаќаат како „нечиста“ работа, како тема која е лична (за секоја жена и девојка поединечно), сама да се справува со проблемите и прашањата околу менструалниот циклус. Треба да се напомене дека менструацијата е знак на созревање и растење, а не причина за срам - додава Петковска.
Од Организацијата на жени од Битола сметаат дека е крајно време ваквите состојби да се надминат. За таа цел, ќе организираат трибини за средношколците од Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола. Тоа ќе бидат интерактивни предавања за менструална правда кои ќе ги опфатат темите за основите на менструално здравје, менструалните циклуси, хигиената, стигмата, одржливата менструација, емоционалната поддршка, улогата на заедницата, правата и пристапот до производи и друго. Од Организацијата велат дека целта е менструалната правда да биде достапна за сите – како право, а не како привилегија! Во трибините, освен членките на Организацијата на жени, Светлана Петковска и Светлана Папачек, ќе биде вклучена и д-р Марија Милевска од Битола.
- Секој циклус е нормален. Секој глас е важен. Секој чекор води кон промена. Време е да зборуваме гласно, да се залагаме за правда и да изградиме општество каде што менструалното здравје е приоритет - велат од невладините организации вклучени во проектот „Менструална правда“.
Фото: приватна архива