Островот на кој 100 отсто од енергијата се добива од обновливи извори и жителите заработуваат од тоа
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Самсо е мал дански остров на кој живеат околу 4.000 лица. Тоа не е место што прво ќе ви падне на памет кога ќе се спомене револуција во зелената енергија, но овој ветровит скандинавски остров, сепак, доживеа исклучителна преобразба во последната деценија и денес користи електрична енергија од 100 отсто обновливи извори.
Дополнително, од 1997 година жителите успеале да го намалат јаглеродниот отпечаток за неверојатни 140 проценти, извезувајќи го вишокот енергија на копнениот дел од Данска, а тој вишок изнесува милиони киловат-часа секоја година.
Жителите на Самсо водат сметка за потрошувачката на електрична енергија.
- Во секојдневниот живот малку повеќе размислуваме за тоа како и кога користиме струја. И не се жалиме кога дува ветар затоа што тогаш имаме бесплатно греење или превоз - вели електричарот Брајан Кјер.
Приказната за амбициите во однос на обновливата енергија на овој остров почнува во 1997 година. Поради тоа што имало голем политички интерес за обновливи извори на енергија во екот на кризата со снабдување со нафта, данското Министерство за животна средина и енергетика распишало конкурс во кој заедниците морале да претстават убедлив план за целосна енергетска транзиција на обновливите извори во следните десет години. Властите сакале да проучат колку висок процент на обновлива енергија може да постигне една јасно дефинирана област без големи државни субвенции. Консултантот и инженер Оле Јонсон од Орхус, вториот по големина дански град, сметал дека Самсо би бил одличен кандидат, го убедил градоначалникот и го предал планот. На изненадување на жителите на островот, Самсо победил.
- Мислеше дека ќе отиде во Копенхаген и ќе се врати со пари, како викинг - се потсетува Сорен Хермансен, директор на Академијата за енергија.
Иако данската Влада вложила речиси 90 милиони долари во тој период, имало неколку услови: енергетска самоодржливост со помош на технологија достапна во Данска и задолжително локално кофинансирање.
- Од тој момент знаевме дека нè чека тежок пат - изјавил Хермансен, кој станал прв вработен на проектот.
Неговата работа била да ги започне промените, а тоа го правел на јавни расправи со бесплатно кафе, сок од јаболка и, можеби најважно, бесплатно пиво.
Самсо е опколен со термоелектрани на јаглен од три страни и тие произведуваат евтина струја, па преминувањето на 100 отсто обновлива енергија не изгледало како логичен потег за жителите, од кои голем дел се фармери. На првиот состанок имало 50 лица. Дури по затворањето на кланицата, поради што 100 лица останале без работа, и со ветување дека би можеле да имаат економски приходи (затоа што обновливите проекти на островот во просек носеле по 30 нови работни места годишно во последните 10 години), доволно жители се согласиле да ги потпишат договорите и да започне проектот.
Денес на островот има 21 ветерна турбина. Копнените турбини се високи 50 метри, со перки долги околу 27 метри, додека крајбрежните се уште поголеми - високи се 63 метри, со перки долги 40 метри. Една таква турбина може да произведе околу 8 милиони киловат-часа електрична енергија годишно, по цена од 2,8 милиони евра по турбина (копнените се поевтини - околу милион евра).
Благодарение на данската традиција на задруги, околу еден од десет жители произведува енергија, што значи дека поседува удел во барем една турбина. Сопствеништвото на турбините им овозможило на жителите на островот да не ја доживуваат технологијата како нешто наметнато, објаснува Хермансен. Наместо тоа, тие веруваат дека донеле паметна деловна одлука, како индивидуално така и колективно. Инвестицијата во турбините обично се исплаќа во рок од 8 години, по што сопственикот почнува да остварува годишен профит, во зависност од производството на електричната енергија и нејзината цена.
Покрај финансиската корист, развојот на зелена енергија донел и нови работни места, нови бизниси и го зголемил бројот на туристи кои го посетуваат островот поради еколошки причини.
Извор:
Buka
Фото: Visit Samsoe