Пингвините, сепак, не остануваат со еден партнер цел живот
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Пингвините, сепак, не се пример за вечна љубов како што често ги претставуваме. Истражувачи од Австралија пресметале многу повисока стапка на „разводи“ во мегаколонија на мали пингвини (Eudyptula minor) споредено со стапката кај луѓето.
Додека многу видови пингвини се сметаат за моногамни, идејата дека тие цел живот остануваат со еден партнер е заблуда. Вистина е дека малите пингвини на островот Филип во Австралија често се со еден партнер за размножување секоја година, но експертите сметаат дека стапките на разделувања меѓу паровите некогаш може да достигнат и до 50 проценти. Во текот на 12 сезони на парење, научниците од Универзитетот „Монаш“ пресметале речиси 250 „разводи“ во група од речиси 1.000 пара пингвини. Тоа се околу 21 раскинување годишно во периодот меѓу 2000 и 2013 година. Годишната стапка на разводи во САД е околу 2,4 брака на 1.000, што е речиси 10 пати помал број од оној кај пингвините.
Целата мегаколонија на островот вклучува повеќе од 37 илјади мали пингвини, но истражувачите велат дека нивниот примерок е доволен показател за она што се случува на поголемо ниво. „Разводите“ кај пингвините биле пресметани кога означен пингвин од сезоната на парење од минатата година се појавувал во колонијата со нов партнер. Слично и на нашиот вид, одлуката на пингвините да останат или не во пар често се базирала на потомството.
- Кога е сè во ред, тие остануваат со нивните партнери, иако често има скриени игри настрана. Сепак, по слаба репродуктивна сезона, тие може да си најдат нов партнер за следната сезона за да го зголемат успехот во размножувањето - објаснува Ричард Реjна од „Монаш“, кој 20 години ја проучува колонијата на островот.
Излегува дека малите пингвини не се многу верни и тие не се единствените видови што ја уништуваат илузијата на луѓето за безусловна љубов во природата. Иако е точно дека за време на сезоната за размножување повеќето видови пингвини се спојуваат со истиот партнер како претходната година, тие врски не секогаш се за цел живот.
На пример, царските и аделиските пингвини често се дел од „дополнителни активности“, дури и кога се во пар, што значи дека всушност не се сексуално моногамни.
Една студија од 1999 година открила дека само 15 проценти од царските пингвини остануваат со истиот партнер во последователни размножувачки сезони. Други видови пингвини имаат повисоки стапки на социјална моногамија, кои достигнуваат близу 90 проценти.
Изгледа дека верноста е непредвидлива и може да се менува од вид до вид, од година до година и од средина до средина.
Истражувањето е објавено во „
Еколоџи енд еволушн“.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik