„Јутјуб“ не дозволува спам, измами или други лажни практики

„Јутјуб“ не дозволува спам, измами или други лажни практики

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Јутјуб“ презема агресивни мерки за отстранување на спам-содржина создадена со вештачка интелигенција, која може да ја поткопа позицијата на платформата како главен избор за огласувачите и гледачите.

Платформата затвори повеќе од 12 популарни ВИ-канали, вклучувајќи видеа со мачки кои зборуваат и верски личности. Некои од каналите привлекувале милиони прегледи пред да бидат отстранети.

Во ноември, „Капвинг“, платформа за уредување видеа, извести дека приближно 21 отсто од видеата во јутјуб-фидовите биле создадени со ВИ, што го истакнува растот на нискоквалитетната автоматизирана содржина.

Нил Мохан, извршен директор на „Јутјуб“, рече дека намалувањето на таквата содржина е главен приоритет за 2026 година.

- „Јутјуб“ не дозволува спам, измами или други лажни практики кои ја искористуваат заедницата - изјави портпарол на компанијата во врска со бришењето на профилите.

- За да го намалиме ширењето на нискоквалитетната ВИ-содржина, активно градиме врз нашите воспоставени системи кои беа многу успешни во борбата против спам и кликбејт, и во намалувањето на ширењето на нискоквалитетна, повторувачка содржина - додаде Мохан.

„Јутјуб“ извести дека во последните четири години исплатил над 100 милијарди долари на креатори, артисти и медиумски компании и планира да ја прошири монетизацијата преку шопинг и бренд договори.

Исто така, платформата инвестира во подобрувања на „Јутјуб ТВ“, откривање музика и ВИ-алатки за препораки, спроведување правила и креирање содржина за поддршка на економијата на креатори.

Извор: Yahoo.com
Фото: Freepik