Слаткарска војна - чиј е рецептот за „Моцарт топчињата“?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Спорот околу потеклото на познатиот десерт, „Моцарт топчињата“, продолжува откако судот во Салцбург ѝ забрани на една слаткарница да се претставува како сопственик на оригиналниот рецепт.
Судот во Салцбург, на почетокот на минатата недела, ја прифати тужбата на слаткарницата „Фирст“ против конкурентот „Холцермајр“, кој во јавноста се рекламира како наследник на оригиналниот рецепт за „Моцарт топчињата“.
Слаткарницата „Холцермајр“ се повикува на статија на историчарот Герхард Амерер од минатото лето, во која се тврди дека оригиналниот рецепт за познатиот десерт уште во 1880 година го осмислил слаткарот Р. Бауман, предок на сегашниот сопственик на слаткарницата „Холцермајр“.
Во исто време, слаткарницата „Фирст“ го полага правото на оригиналниот рецепт за овој сладок десерт, за кој тврдат дека го измислил основачот на компанијата, Пол Фирст, во 1890 година.
Судот сега одлучи дека со оглед на тоа што не постои оригинален рецепт, „Холцермајр“ нема право во своето рекламирање да го користи поимот „рецепт“. Поради тоа, нивниот рекламeн слоган е сменет во „по традиција од 1880 година“.
Дополнителен проблем за „Холцермајр“ е тоа што нивните топчиња не се произведуваат во Салцбург, туку во фабриката „Линдт & Шпрyнгли“ во Глогниц, Долна Австрија.
- Јас не сум човек што сака да се расправа. Но сè додека рачната изработка на мајсторите се изедначува со индустриски производ и сè додека се изнесуваат невистини, нема да седиме со скрстени раце - изјави Мартин Фирст, сопственик на слаткарницата „Фирст“, каде што десертот се прави рачно.
„Холцермајр“ сега излегува во јавноста со нова теорија: дека топчињата првпат ги направила Луиза Карут, која била вработена кај слаткарот Бауман.
Јавноста го очекува објавувањето на новото истражување на историчарот Амерер за потеклото на славниот десерт, кое треба да биде претставено во април.
Останува отворено прашањето дали ова истражување конечно ќе ја прекине слаткарската војна во Салцбург.
Извор:
n1info.hr
Фото:
Instagram