Услуги достапни само за супербогатите, другите луѓе ни не знаат дека постојат

Услуги достапни само за супербогатите, другите луѓе ни не знаат дека постојат

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека мнозинството луѓе се мачат со високите трошоци за живот, постојат и такви што живеат во сосема поинаков свет и плаќаат за работи за кои многумина ни не знаат дека постојат, а камоли колку чинат.

Една неодамнешна расправа на „Редит“ го отвори прашањето кои навики и услуги се резервирани исклучиво за супербогатите, при што беа собрани речиси 5.000 коментари. Луѓето опишуваа ситуации што звучат како сцени од филм.

Изнајмување лебеди


Базените се луксуз за многумина, но некои одат чекор подалеку. Еден корисник раскажа приказна за милијардер кој сакал лебеди да пливаат во езерото пред неговата куќа.

- Беше разочаран кога лебедите почнаа да се митарат и да изгледаат лошо. Постојат дури и услуги за изнајмување лебеди кои периодично ги заменуваат, за тие секогаш да изгледаат беспрекорно - напиша тој.

„Градинка за орхидеи“


Еден ја спомена услугата „градинка за орхидеи“.

- Ја испраќате орхидејата што не цвета на професионална нега додека повторно не процвета, а во меѓувреме добивате замена која веќе цвета, така што во домот постојано имате цветни орхидеи - напиша тој.

Библиотека по нарачка


Книгите многу зборуваат за луѓето, но најбогатите можат да нарачаат цела библиотека создадена по вкус.

- За апсурдно богатите кои сакаат класична библиотека со книги во кожен повез, постојат компании што ќе состават колекција според вашиот вкус, ќе ги испечатат книгите на врвна хартија и ќе ги поврзат така што визуелно ќе се вклопат во одредена тема - напиша еден корисник.

Образовни агенти

Додека многу родители се грижат и се под стрес кога станува збор за запишувањето на децата во добро училиште, супербогатите за тоа ангажираат образовни агенти.

- Тие ги испраќаат на саеми за приватни училишта, а нивна задача е профилот на детето, кое може да има само 10 години, да го усогласат со најдоброто училиште што одговара на желбите на семејството - стои во еден коментар. Се додава и дека овие агенти работат со повеќе деца истовремено и добиваат провизија од училиштето во кое ќе се запише ученикот.

Продавницата доаѓа кај нив


Ултрабогатите не мораат да одат на шопинг, и тука не станува збор за онлајн купување. Изборот доаѓа кај нив, дури и кога станува збор за големи предмети.

- Еднаш бев во неверојатен пентхаус во Мајами во кој донесоа повеќе различни скалила за сопственикот да може да избере кое најмногу му се допаѓа. Беше лудо - напиша еден редит-корисник.

Извор: Nova.rs
Фото: