Даниела Заец, Македонско еколошко друштво: Сите сносиме одговорност за Преспанското Езеро

Даниела Заец, Македонско еколошко друштво: Сите сносиме одговорност за Преспанското Езеро

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Проблемот кај нас е што почнуваме да се грижиме и да реагираме откако ќе се вклучи црвеното светло. Сегашната состојба на Преспанското Езеро е последица на долгогодишно дејствување - прекумернa употреба на пестициди, деградација и фрагментација на живеалишта и нивно претворање во земјоделски површини, екстракција на вода за наводнување и огромните количини органски отпад и друго, објаснува биологот од Ресен

Македонското еколошко друштво од пред 1,5 година има и свое претставништво во Ресен со цел да биде поблиску до Преспанскиот Регион и поефикасно да соработува со локалните власти и со населението. Дипломираниот биолог Даниела Заец, која е од Ресен, е дел од овој тим и е координатор на „ПреспаНет“ - прекуграничната мрежа на невладини организации за заштита на Преспанскиот Регион.
Преспанското Езеро е горлива тема во последната година. Големиот водостој е болка за сите, науката нема доволно одговори за тоа што сè влијае врз моменталната состојба.


Даниела Заец на терен со ученици за едукација за растенија во с. Љубојно

Сметате ли дека државата е премногу пасивна и дека и досега требаше да преземе мерки за да ја спречи еколошката катастрофа на Преспанското Езеро?

- Проблемот кај нас е што почнуваме да се грижиме и да реагираме откако ќе се вклучи црвеното светло. Ова е многу комплексно прашање и не може да се реши одеднаш. Сегашната состојба на Преспанското Езеро е последица на долгогодишно дејствување - прекумернa употреба на пестициди, деградација и фрагментација на живеалишта и нивно претворање во земјоделски површини, екстракција на вода за наводнување и огромните количини органски отпад... сите сносиме одговорност за она што се случува. Ова треба да ни биде лекција и заштитата на животната средина конечно да стане приоритет. Потребно е обезбедување на што повеќе научно-базирани податоци за воспоставување ефикасни мерки за заштита. За жал, слабо стоиме со такви податоци.

Освен топлото и суво време, слабите дождови и снег, кои се најголемите фактори што го доведоа езерото до ваква состојба?

- Тука се неодржливите земјоделски практики, исушувањето на блатата, иако сите сме сведоци на долгогодишните флуктуации на нивото на водата, таква е природата на езерото. Сета вода што ја добива најмногу зависи од Преспанскиот Регион, од количеството на врнежи, а последниве години беа многу сушни.



Треба ли да се воведе поголем ред и поголема контрола врз човечкиот фактор, во однос на тоа колку овоштарниците треба да се наводнуваат, колку риба да се лови?

- Преспанското Езеро има свој управувач – Секторот за животна средина при Општина Ресен и концесионер на рибниот фонд на езерото. Како споменик на природата, Преспанското Езеро има свој план за управување кој треба да се имплементира и да се следи. Но, тука е и одговорноста што ја сносиме сите ние. Не можеме да бараме спас на Преспанското Езеро на социјалните медиуми и веќе следниот момент да ја вклучиме пумпата на Стенско Блато за да го наводнуваме овоштарникот кој се наоѓа на брегот на езерото.

Како еколошко друштво, дали соработувате со слични еколошки друштва од Грција и од Албанија, земји каде што се протега Преспанското Езеро?

- Македонското еколошко друштво е дел од прекуграничната мрежа на невладини организации за заштита на Преспанскиот Регион – „ПреспаНет“. Заедно со Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија и Друштвото за заштита на Преспа од Грција, МЕД работи на заштита и зачувување на Преспанскиот Регион на прекугранично ниво. Во иднина сакаме да ги насочиме нашите истражувања кон проучување на ранливоста на водните живеалишта во однос на климатските промени и секако едукација и подигнување на јавната свест за нивното влијание и одговорноста што секој поединец ја носи во однос на одржливо користење на природните ресурси.


Островот Голем Град

Вие сте ресенчанка која одлучила да се врати во родниот град и да помогне колку што може со своето знаење. Дали можеби и одлуката да студирате биологија беше поврзана со езерото и местото од каде што сте?

- Секако. Преспанскиот Регион има неверојатна природна убавина и исклучително богата биолошка разновидност. Една од причините и зошто Македонското еколошко друштво отвори своја подрачна канцеларија токму тука. Преспа има голема природна вредност која треба да се зачува во трите земји што го делат Преспанскиот Регион.

Набљудување птици во Паркот на природата Езерани