Како да се разговара со најмалите ученици за дојавите за бомби, советува психотерапевтот Наташа Маџевска

Како да се разговара со најмалите ученици за дојавите за бомби, советува психотерапевтот Наташа Маџевска

Подготвил: Јована Трајковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Неколку месеци учениците се соочуваат со нова препрека во наставата - дојави за бомби. При дојава, Министерството за внатрешни работи е должно да направи целосна проверка на училиштето, а учениците заедно со наставниците да се оддалечат што е можно подалеку од училишната зграда. Во меѓувреме наставниците во пониските одделенија (од прво до петто одделение) се должни да ги повикаат родителите да дојдат и да си ги земат децата.

Дојавите за лажни бомби претставуваат предизвик за наставниците, па при евакуацијата смислуваат разни реченици што им ги кажуваат на учениците: „Треба да се исчисти училиштето“, „Одиме на физичко“, Во училиштето има глувци“... за да не им предизвикаат страв и стрес.

Разговаравме со гешталт-психотерапевтот Наташа Маџевска, која ни укажа како да им ја претставиме реалната слика на децата.

- Родителите треба отворено и искрено да разговараат со децата за дојавите за бомби. Децата учат по модели, многу се интуитивни и разговараат меѓу себе. Во нивните разговори не секогаш добиваат правилни одговори за состојбата во која се наоѓаат. Со добивање затскриени информации, децата добиваат двојни пораки, кои  ги збунуваат, ги прават несигурни и предизвикуваат панични однесувања. Искрениот и отворен разговор на родителите со децата е многу битен и значаен. Детето треба да се запознае со најавите за бомби и последиците, треба да се разговара како брзо да се движат и да го напуштат училиштето. Добивајќи ги овие информации од родителите, кои им се најголема поддршка и сигурност на децата, тие се запознаваат со светот околу себе, учат да се грижат за својата сигурност, се насочуваат и ги учат вистинските вредности.

Кога родителите ги кажуваат информациите во домашна атмосфера, децата се чувствуваат безбедни, многу лесно во себе ќе вградат позитивни вредности и размислувања до кои и нивните родители се придржуваат. Децата најмногу усвојуваат однесувања кои ги гледаат кај своите родители. Воспитувањето во кое родителите се грижат за сигурноста и стабилноста на децата, им даваат љубов и топлина, поставуваат граници, ги учат на правилно однесување и грешење со простување, ги уважуваат детските потреби и размислување, се гради секојдневно - вели Маџевска.

Таа смета дека покрај тоа што со кажувањето на вистината за состојбата во училиштата кај децата се развиваат и се поттикнуваат емоциите, треба да се поттикнат и негативните емоции кои ги учат децата како да ги совладаат пречките во животот, како да дојдат до работи што ги сакаат, како да стекнат самоконтрола кога не е сѐ по нивно, како да развијат емпатија и да сочувствуваат. 

- Ако децата постојано се заштитени, нивните потреби се задоволени и максимално се избегнува можноста да бидат вознемирени и фрустрирани, им се одзема драгоцена можност за учење преку искуство. Не кажувајќи ја вистината за состојбата во училиштата, родителите на децата им праќаат порака на недоверба и потоа и тие стануваат недоверливи. Темелот на ова воспитување е искреноста, емоционалната достапност, почитување, трпеливост и преземање на родителска одговорност - раскажува психотерапевтот.

Триаголникот родител-наставник-училиште треба да е рамностран

Според Маџевска, наставниот кадар во училиштата исто така треба отворено да зборува за состојбата со дојавите за бомби.

- Првично сите се многу загрижени како најбрзо децата да се изнесат од установата. Во таа состојба наставниот кадар се труди најбезбедно да даде информации за да не се создаде вознемирувачка состојба. Грижата за безбедноста на децата е на високо ниво во училиштата. Ќе напоменам дека триаголникот родител-наставник-ученик треба да биде рамностран. Со меѓусебна соработка, оваа состојба кај децата ќе биде поддржувачка за прифаќање и надминување на моменталната состојба. Како да препознаеме дете кое е вознемирено од настанатата состојба во училиштето? Децата го губат контактот со петте контакт-функции во тука и сега: гледање, допирање, мирисање, слушање и вкусување. Секое дете индивидуално реагира и различно ги користи петте контакт-функции за поддржување во комуникација - вели Маџевска.

Како да се намали стресот кај децата предизвикан од дојавите за бомби?

Дојавите за бомби и евакуацијата на учениците сами по себе создаваат стресна и вознемирувачка атмосфера и кај учениците и кај наставниците. Маџевска објаснува како да се надминат овие ситуации:

- Стресните настани поврзани со дојавите на бомби носат вознемиреност, непостојаност и нарушен ритам во секојдневието на децата. Во овие мигови важно е децата да знаат дека возрасните се тука кога им требаат. На децата многу поважна им е достапноста на поддршката отколку самата поддршка. Во вакви мигови, на децата треба да им се дозволи да зборуваат и да бидат слушнати, родителите да се потсетат дека е нормално децата да се исплашени, да се помогне децата да ги препознаат, именуваат и изразат своите чувства. Возрасните треба да имаат трпение и да не ги осудуваат децата, да се избегнува претерано тешење и намалување на проблемот, да му се помогне на детето да најде активност која ќе го орасположи, смири, да се поучи детето како да се опушти и во текот на преостанатото време од денот да се продолжи со дневниот ритам на активности. Важен дел од растењето е во оваа состојба децата да ги научиме како да се соочуваат со предизвиканата состојба преку поддршка и охрабрување од возрасните - завршува психотерапевтот.

„Децата се единствени и кон нив би требало да се однесуваме со истото почитување како и кон возрасните што ги сакаме“ - Јеспер Јул.