Казна за скршена чаша е 90 евра: популарен паб во кој мора да го оставите чевелот како депозит
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во историскиот град Гент се наоѓа пабот „Де дуле гриет“, познат по најголемата понуда на пиво во градот. Во овој паб можете да избирате од 500 вида пиво. Сепак, она по што овој бар е навистина препознатлив е начинот на кој го служи својот куќен специјалитет.
Белгија - земја на пивото
Белгија се смета за една од најважните земји на пивото во светот. Пивото е длабоко вкоренето во секојдневниот живот, гастрономијата и општествената култура, а белгиската пивска традиција е признаена и од УНЕСКО.
Белгиските пивари се познати по својата иновативност и подготвеност за експериментирање. Освен класичните стилови, се произведуваат и манастирски пива, ламбик (спонтано ферментирано), гјоз (мешавина од ламбик), како и овошни пива и многу крафт-варијации со различни видови квасец, додатоци и посебни методи на ферментација. Токму таа комбинација од традиција и креативност ѝ носи на Белгија репутација на една од најразновидните пивски сцени во Европа.
Терасите на баровите се полни во текот на целата година, а пиењето пиво во претпладневните часови не се смета за нешто необично, туку за дел од опуштениот животен ритам. Една од особеностите на белгиската пивска култура е и начинот на послужување. Речиси секоја пиварница има сопствена, специјално дизајнирана чаша наменета токму за одреден вид пиво.
Пиво од 1,2 литри и чевелот како гаранција
Во пабот „Де дуле гриет“, куќниот специјалитет е пивото „макс ван хет хуис“, кое доаѓа во светла и темна варијанта, со 7,5 отсто алкохол. Се служи во огромна чаша од 1,2 литри, во форма на издолжено лале поставено на дрвен држач.
Поради вредноста и големината на чашата, гостите што ќе го нарачаат ова пиво мора да остават еден чевел како депозит. Откако ќе го нарачате пијалакот, келнерот ќе го стави чевелот во кошница што виси од таванот, а ќе ви биде вратен откако чашата ќе ја вратите неоштетена. Во случај на незгода или ако сакате да ја купите како сувенир, треба да платите 90 евра.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Instagram