Нов железен наноматеријал ги уништува канцерогените клетки без да го оштети здравото ткиво

Нов железен наноматеријал ги уништува канцерогените клетки без да го оштети здравото ткиво

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Новата терапија базирана на железо ги уништува канцерогените клетки преку двоен бран на токсични кислородни реакции во туморите. Кај глувци, таа целосно го елиминирала ракот на дојка без да предизвика оштетувања на здравото ткиво или несакани ефекти.

Истражувачите од Државниот универзитет во Орегон создадоа наноматеријал кој е дизајниран да ги уништува канцерогените клетки однатре. Откако ќе навлезе во клетката на туморот, материјалот активира две одделни хемиски реакции, предизвикувајќи силен оксидативен стрес што ја уништува клетката, без да го оштети околното здраво ткиво.

Истражувањето го предводеле Олех Таратула, Олена Таратула и Чао Ванг од Колеџот за фармација при Државниот универзитет во Орегон, а резултатите се објавени во списанието „Адвенсд фанкшнал материјалс“.

Откритието дополнително ја зацврстува областа на хемодинамичката терапија, нов пристап во третманот на рак кој ги користи специфичните хемиски услови во туморите. Во споредба со нормалното ткиво, канцерогените клетки обично се покисели и содржат повисоки нивоа на водород пероксид.

Традиционалната хемодинамичка терапија ја користи оваа средина за создавање хидроксилни радикали, високо реактивни молекули составени од кислород и водород со неспарен електрон. Овие реактивни кислородни видови ги оштетуваат клетките преку оксидација, одземајќи електрони од клучни компоненти како липиди, протеини и ДНК.

- Постојните терапии се ограничени. Тие ефикасно создаваат или хидроксилни радикали или синглетен кислород, но не и двата истовремено, а често немаат доволна каталитичка активност за одржливо производство на реактивни кислородни видови - вели Олех Таратула.

За да ги надмине овие недостатоци, тимот развил нова терапија базирана на железна метал-органска рамка (MOF). Оваа структура е способна да произведува и хидроксилни радикали и синглетен кислород, што значително го зголемува нејзиниот потенцијал во борбата против ракот.

Структурата покажала силна токсичност врз повеќе линии на канцерогени клетки, додека предизвикала минимална штета кај неканцерогените клетки.

- Кога системски го администриравме нашиот наноагенс кај глувци со вградени човечки клетки на рак на дојка, тој ефикасно се акумулираше во туморите, создаде реактивни кислородни видови и целосно го елиминира ракот без несакани ефекти. Забележавме целосно повлекување на туморот и долгорочна превенција од повторна појава, без системска токсичност - вели Олена Таратула.

Во овие претклинички експерименти туморите целосно исчезнале и не се појавиле повторно, а кај животните не биле забележани штетни несакани ефекти.

Пред преминување кон клинички испитувања на луѓе, истражувачите планираат да ја тестираат терапијата и кај други видови рак, вклучувајќи агресивен рак на панкреасот, со цел да утврдат дали пристапот може да биде ефикасен кај поширок спектар на тумори.

Извор: Science Daily
Фото: Freepik