Интервју со професор Иво Нешковиќ: Професорите на „Сити колеџ“ се трудат секој студент да извади 100% од својот потенцијал, никој не е само број на индекс

Интервју со професор Иво Нешковиќ: Професорите на „Сити колеџ“ се трудат секој студент да извади 100% од својот потенцијал, никој не е само број на индекс

Иво Нешковиќ е професор по компјутерски науки на меѓународниот факултет на Универзитетот „Шефилд“, Сити колеџ, и поранешен студент на истиот факултет. Студиите ги има завршено како најдобар студент во генерацијата. Кариерата ја гради работејќи на многу проекти, вклучувајќи ја и работата на системот за вештачка интелигенција на играта Top Eleven: be a Football Manager, а како фриленсер работи и за американскиот пазар.

Од 2006 година сте биле студент на Меѓународниот факултет на Универзитетот „Шефилд“, Сити колеџ, во Солун, каде што ги имате завршено вашите додипломски и постдипломски студии во областа на компјутерски науки и софтверско инженерство. Исто така, добитник сте и на наградата најдобар студент во вашата генерација. Кажете ни нешто повеќе за Вашите студентски денови и искуството на универзитетот?

- Се сеќавам како да беше вчера, дефинитивно најдобриот период од животот. Солун е многу жив и забавен град и имаше многу супер авантури со колегите на и надвор од факултетот. Кога почнав со студиите, не знаев буквално никого, а сега имам многу пријатели, и тоа за цел живот. Студиите беа исто така исклучително искуство. Првенствено, сè што учевме беше cutting edge и пренесено од мал тим фантастични професори. Тоа што најмногу ми остави впечаток беше дека сите професори се трудеа секој студент да извади 100% од својот потенцијал, никој не беше само број на индекс. Мене лично многу ми помогнаа со жедта за знаење и со нивна помош бев дел од повеќе меѓународни проекти и конференции. Верувам дека трудот од нивната страна придонесе за мојата награда за најдобар студент во генерација.

Во својот кариерен развој сте стекнале големи искуства во повеќе области и компании за кои сте биле и наградувани. Кои случувања и проекти Ви оставиле најголем впечаток?

- Искрено, ова е многу добро прашање кое често го слушам од колегите. Знаеме малку да се изгубиме во небитни проекти и апликации за клиенти кои немаат визија и кои ќе се повлечат од пазарот многу брзо по лансирањето. За моја среќа, имам учествувано во неколку проекти што мислам дека го смениле барем малку светот на подобро. Како дел од една малтешка компанија, работевме на систем за домашна грижа за стари лица. Малта има проблем со недоволно центри за грижа за стари и немоќни лица и ние работевме на автоматизиран систем кој ги следи сите витални знаци на лицата во комфорот на нивниот дом и автоматски ги известува нивните лекари. Лично бев на неколку локации низ Малта каде што првпат го лансиравме системот и многу бев среќен кога ги видов воздишките на клиентите знаејќи дека нивното здравје е во сигурни раце. Нешто друго што ме направи среќен е мојата работа на играта Top Eleven: be a Football Manager. Јас бев дел од тимот што работеше на системот за вештачка интелигенција и нашата игра ја играа секој ден 5 милиони играчи и имаше над 100 милиони инсталации. Знам дека видеоигрите се понекогаш контроверзна тема, но средбите со играчите на нашата игра и насмевките на нивните лица were well worth it. Во последно време работам исклучиво за пазарот на САД и иако мене не ми значат нешто многу, некои од клиентите ги вклучуваат Kim Kardashian, LeBron James, WKND и Tiger Woods.

1

Во 2018 ја добивте титулата доктор по филозофија по компјутерски науки, динамичко следење и приспособување на апликации базирани на услуги. Кои беа главните причини за изборот да поминете во академските води од индустријата и што Ви значи овој степен на образование во професионалниот развој? 

- Мала забелешка, докторските студии ги започнав, но сè уште ги немам завршено, најмногу поради различни обврски во животот. Основата на сите технолошки откритија во светот е академската работа и истражување. Универзитетот „Шефилд“ ова го препознава и академската работа е интегрирана во студиите уште од самите почетоци. Доста рано се заинтересирав за заднината на некои работи што ги земаме здраво за готово во индустријата и почнав да истражувам повеќе. Темата на моите докторски студии беше природна прогресија на моите интереси инспирирана од проблемите во индустријата. Иако академските води често знаат да бидат апстрактни, без конкретни примери каде што работите многу бавно се развиваат, јас пробав да ги спојам двата света преку моите докторски студии. Искрено, концептот на предавањата на Сити колеџ, каде што не само што ги предаваат последните популарни технологии во индустријата, туку и објаснуваат како тие функционираат во заднина, директно придонесува студентите да ги разбираат сите моментални технологии, но и идните, бидејќи точно знаеме на што се базираат. Од иста причина, голем број студенти се инспирирани да навлезат во академијата бидејќи го поседуваат тоа екстра знаење за најдлабоките концепти на компјутерски науки. Не велам дека секој треба да навлезе во академските води, тие се сосема друг концепт, но велам дека најљубопитните дефинитивно треба да пробаат.

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за добиената награда Gigster of the Month? Има ли друга награда што би сакале да ја одвоите како посебно драга?

- Наградата Gigster of the Month беше интересна случка. Работев преку Gigster за клиенти кои почнуваа стартап во New York. Во принцип тоа значи дека речиси 100% нема да им успее продуктот и ќе пропаднат по една година. Но мене ме заинтригира концептот на продуктот и вложив екстра труд за крајниот продукт, апликацијата на која работев да биде најдобра што може. Клиентот беше многу задоволен од мојата работа и инсистираше да бидам предложен како работник на месецот. И многу од вработените во Gigster го делеле истото мислење и така ја добив наградата. Друга драга награда ми е Jazoon Java Rookie што се доделува на најдобриот Java програмер на Jazoon конференцијата. Таа ми е особено драга бидејќи ја освоив со мојот магистерски труд и мојот ментор и пријател Џорџ Елефтеракис, кој долета до Цирих за да биде таму со мене кога победив.

Моментално сте професор во одделот за компјутерски науки на меѓународниот факултет на Универзитетот „Шефилд“, Сити колеџ, во Солун. Што им препорачувате на идните студенти заинтересирани за оваа област?

- Една работа: бидете љубопитни. Оценките и дипломите не се битни колку вашето познавање на светот на компјутерски науки. Школскиот систем може да помогне до некое ниво, но сè друго е на вас. Интересирајте се зошто нештата се одвиваат по својот моментален тек и запрашајте се како можете да ги подобрите.

2

Во досегашната кариера, што Ви претставувало најголем предизвик?

- Од професионална гледна точка тоа би било work-life балансот. Често знае работата да го преземе целото слободно време во животот, што од потреба што од обврска. Во денешно време верувам дека тоа е особено голем проблем. На почеток се сеќавам дека имав и работни денови кои траеја и по 20 часа. Тоа не е здраво во никој случај и мене искрено ми требаше многу време да го најдам тој баланс. Гледам дека тоа е број еден грешката што ја правиме сите кога ќе излеземе од факултет, желни да се докажеме и неискусни во работниот живот. Топло препорачувам секој да работи на тој баланс.

Според Вас, како изгледа секторот на локално ниво, во Република Северна Македонија и кои се идните просперитети, општо и во индустријата?

- Искрено, мислам дека токму индустријата на компјутерски науки е во веројатно најдобрата позиција моментално во државата. На светско ниво има голем дефицит на кадар, а генерално квалитет на нашите кадри во оваа струка е на супер добро ниво. Тоа ги мотивира големите компании да отвораат канцеларии тука и верувам дека за кој било добар инженер, нема зима во оваа професија кај нас. Исто така, голема предност е дека овој пазар е многу компетитивен и програмерските плати растат од година на година и лично верувам дека се доволно високи за многу удобен живот во државата. Како додаток на тоа и нешто што мене лично ми е многу битно, можноста за надградба и за работа на проекти од светски калибар со колеги од Силициумската долина. Тоа е шанса што не се пропушта. Секако тука е и фриленс типот на работа што овозможува работа за странска плата во матичната држава. Откако ги завршив студиите,  се вратив дома и не планирам набрзо тоа да се смени. Потенцијалот и шансите се огромни.

3

Кои се Вашите планови за иднината и што мислите дека во Вашата област би било иден тренд или новитет?

- Дефинитивно да ги завршам докторските студии. Планирам да продолжам со предавањата на Сити колеџ, па и некои други факултети доколку се појави можност. Многу ме исполнува кога ќе видам задоволни студенти од другата страна на катедрата. Други конкретни планови немам, освен некои истражувања што се надевам дека ќе помогнат со подигање на квалитетот на сите мобилни апликации на светско ниво, но тоа можеби е long shot. Некои трендови што лично јас ги следам се вештачка интелигенција, виртуелна реалност и квалитет на софтверски решенија. Мислам дека барем некои од овие полиња ќе бидат релевантни и по 10 години.

(Комерцијална објава)