Голем саем за вработување во Гевгелија на 7 април - МЕГА шопинг парк нуди повеќе од 500 работни позиции
Во пресрет на официјалното отворање на еден од најголемите проекти во регионот, МЕГА шопинг парк Гевгелија ги отвора вратите за сите што се во потрага по нова кариера и професионален развој. Големиот Саем за вработување ќе се одржи во вторник, на 7 април, во спортската сала ДТВ „Партизан“, каде што од 9:00 до 17:00 часот заинтересираните кандидати ќе можат директно да аплицираат за некоја од повеќе од 500 отворени работни позиции кај водечките светски и домашни брендови.
Доаѓањето на МЕГА шопинг парк во Гевгелија означува нова етапа за локалната економија и поттик за локалниот пазар на труд. Овој настан е наменет за сите професионалци во секторите продажба, угостителство, логистика и менаџмент кои сакаат да станат дел од првиот голем шопинг-комплекс од ваков вид во овој дел на државата.
Официјалниот дел на настанот ќе го отворат генералниот директор на МЕГА шопинг парк, Сотирис Гианакуикис, и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Тие заеднички ќе го означат почетокот на процесот на екипирање на тимовите, ставајќи акцент на значењето на овој проект за зајакнување на деловната клима и создавањето нови перспективи за кадар од Гевгелија и околината.
Во текот на целиот ден посетителите ќе имаат можност за непосреден разговор со одговорните лица од компаниите, да ги достават своите биографии за повеќе различни позиции и детално да се информираат за условите за работа. Целта е кандидатите на самото место да добијат јасна слика за идните ангажмани и професионалните можности што ги нуди овој центар.
Ги повикуваме сите заинтересирани кои се подготвени за нов кариерен предизвик да ја искористат оваа можност и да станат дел од тимот на најсовремениот шопинг-парк во регионот.
(Комерцијална објава)