Студентите најдоа нов начин за препишување на испити - професорите не можат да го откријат
Студентите најдоа нов начин за препишување на испити со помош на технологијата, а професорите не можат да го забележат тоа. Во Кина, како што пишува „Рест оф ворлд“, студентите користат паметни очила за да ги скенираат прашањата на кои не го знаат одговорот и потоа бараат одговори на интернет.
Една студентка изјави дека ги користи своите очила со вештачка интелигенција за секој предмет на кој би можела да падне, а нејзиниот начин се покажал толку успешен што други ученици почнале да ги изнајмуваат нејзините очила за испити.
Како функционираат паметните очила
Паметните очила станаа дел од пазарот вреден повеќе милијарди долари. Цените на одредени модели се движат од 270 долари (околу 250 евра) до над 1.000 долари (околу 930 евра), во зависност од функциите и производителот.
Меѓу попопуларните модели се оние со поддршка за вештачка интелигенција, како „рејбан мета“ и „рокид АИ“, кои можат да фотографираат, да репродуцираат звук и да прикажуваат информации директно пред очите на корисникот.
Таквите можности се резултат на развојот на вештачката интелигенција. Денешните уреди можат да скенираат текст, на пример, прашање на испит, да го обработат со помош на ВИ-модел и речиси во реално време да го прикажат одговорот на стаклото од очилата. Сето тоа се одвива без потреба од мобилен телефон или некој друг видлив уред.
И покрај тие можности, технологијата има свои ограничувања. Првите корисници пријавуваат проблеми како кратко траење на батеријата, прегревање и неудобност при подолго носење. Сепак, постојаните вложувања на големите технолошки компании покажуваат дека може да се очекуваат дополнителни подобрувања.
„Дипломираш, а ништо не си научил“
Учесниците во расправата на „Редит“ негативно реагираа на ваквата употреба на технологијата во образованието.
„Мојата сестра има студенти кои само ги копираат одговорите од Чет-ГПТ. Знае дека го прават тоа бидејќи ја оставаат сивата заднина на текстот“, напиша еден коментатор.
Еден корисник истакна дека студентите што се служат со такви помагала најмногу си штетат сами на себе: „Користиш вештачка интелигенција за сите предмети. Ги користиш тие работи за мамење на испитите. Дипломираш, а ништо не си научил.“
Фото: freepik