Голем број земји почнуваат да нудат четврта доза вакцина. Дали треба да се вакцинирате?

Голем број земји почнуваат да нудат четврта доза вакцина. Дали треба да се вакцинирате?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Земјите почнуваат да нудат четврта доза од вакцината против ковид-19 на ранливите групи, но медицинските професионалци не се убедени дека тоа ќе биде од корист за пошироката популација.

Агенцијата за храна и лекови на САД досега одобри четврта вакцинација само за оние на возраст од 50 и повеќе години, како и за оние што се со намален имунитет. И Центарот за контрола и превенција на болести на САД беше скептичен за потребата од четврта доза за здрави возрасни лица во отсуство на појасна стратегија за јавно здравје.

Овие одлуки дојдоа бидејќи студијата од Израел покажа дека иако четвртата доза од вакцината „Фајзер/Бајонтек“ нуди заштита од сериозни болести најмалку шест недели по примањето, таа обезбедува само краткотрајна заштита од инфекција, која опаѓа по само четири недели.

Сè уште нема цврсти докази

Медицинскиот консензус досега е дека нема доволно истражувања за тоа колкава заштита може да понуди четвртата доза.

Светската здравствена организација (СЗО) не даде официјална препорака за четврта доза и „нема добри докази во овој момент“ дека таа ќе биде корисна, рече главниот научник на СЗО, Соумја Сваминатан.

- Она што го знаеме од имунологијата е дека ако дадете уште еден засилувач, ќе видите привремено зголемување на неутрализирачките антитела. Но, она што исто така го видовме е дека овие неутрализирачки антитела ќе исчезнат многу брзо - изјави Сваминатан.

Пол Гепферт, професор по медицина на Универзитетот во Алабама, го сподели тој став, велејќи дека четвртата доза навистина не влијае многу.

vakcina
Фото: Freepik

Бидејќи студијата од Израел покажува дека четвртата доза може да обезбеди заштита од сериозни болести, земјите како Израел, Данска и Сингапур овозможија бустер-доза за групите со висок ризик.

- Наместо да кажам дека заштитата опаѓа, би рекол дека овој ефект на зајакнување е најсилен веднаш по примената вакцина и дека нуди заштита во целина. Важно е дека немаше опаѓање на заштитата од тешка болест, а тоа е најклучниот ефект од вакцинацијата што сакаме да го постигнеме - рече Ешли Сент Џон, вонреден професор на Медицинскиот факултет Дјук-НУС.

Годишна бустер-доза?

Се поставуваат прашања за потребата од повеќе бустер-дози бидејќи појавата на повеќе варијанти на ковид може да бара повеќе насочени вакцини.

Ентони Фаучи, главен медицински советник во Белата куќа, во јануари изјави дека луѓето можеби ќе треба да примаат бустер-дози на секоја година или две.

- Можно е групите со висок ризик, како што се постарите лица, да имаат потреба од годишна вакцина. Но, не е јасно дали на здрав возрасен човек ќе му треба редовна годишна вакцинација - вели Сваминатан.

Исто така, важно е да се забележи дека сегашните вакцини можеби нема да функционираат за идните варијанти на ковид-19, додаде таа.

Професорот Гепферт вели дека само времето ќе покаже уште колку долго населението ќе треба да прима бустер-доза, но најбезбедниот пристап би бил да се планира бустер-доза секоја година, а можеби и да се комбинира со вакцина против грип.

Извор: CNBC
Фото: Freepik