Новата функција на „Андроид“ ви овозможува да се поврзете на хотспот без лозинка

Новата функција на „Андроид“ ви овозможува да се поврзете на хотспот без лозинка

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Гугл“ го претстави својот најнов „Андроид фичр дроп“ и со тоа презентира една од најдобрите функции по долго време.

Новата функција „Инстант хотспот“ ви овозможува да го поврзете вашиот андроид-таблет со точката на пристап на телефонот со еден допир. Опцијата работи со телефони со „Андроид 11“ или понова верзија, со еден забележителен исклучок: уредите „самсунг“. Според „Гугл“, „Инстант хотспот“ нема да биде достапен на ниту еден самсунг-уред.

Ако имате таблет со „Андроид“ или „Хромбук“ што нема мобилна врска, можеби ќе треба да ја користите податочната врска на телефонот за да го поврзете тој уред на мрежата. Повеќето телефони поддржуваат споделување на интернет-конекцијата со други уреди преку создавање мобилна точка на пристап. Бидејќи веројатно не сакате случајни луѓе да ги користат вашите податоци, ќе треба да поставите лозинка за вашиот мобилен хотспот.

Ова значи дека процесот на поврзување на вашиот таблет кој има само безжична конекција на интернет бара извлекување на телефонот, вклучување на неговата мобилна пристапна точка, наоѓање на мобилната пристапна точка во списокот со безжични мрежи на вашиот уред и на крајот да внесете лозинка што сте ја поставиле за да се поврзете со него. Целиот овој процес може да биде мачен кога сте надвор.

Не е точно јасно зошто „Инстант хотспот“ не е достапен на уредите „самсунг“. Функцијата е дел од услугите на „Гугл плеј“, кои се достапни на сите андроид-уреди сертифицирани од „Гугл“, вклучително и на „Самсунг“. Веројатно, „Самсунг“ ја исклучил оваа функција, можеби за да ги поттикне корисниците да купуваат уреди во нивниот екосистем. Без разлика, корисниците на „самсунг“ сепак ќе можат веднаш да ја споделат точката на пристап на телефонот со нивниот „Хромбук“ благодарение на постојната функција „Инстант поврзување“. Тие, исто така, сè уште ќе можат да го прават истото со кој било компјутер со оперативен систем „Видоус“ преку опцијата „Линк ту Виндоус“.

Извор: bajtbox.com
Фото: Freepik