Градот што ги измисли сламките за пиење сега ги забранува

Градот што ги измисли сламките за пиење сега ги забранува

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Како да се испие милкшејк без пластична сламка? Тоа е прашањето со кое се соочува американскиот град Вашингтон откако во интерес на заштитата на околината донесе забрана за употреба на пластични сламки.

Тоа е речиси богохулен чин во градот во кој е измислен тој едноставен предмет, кој денес е неизоставен дел од американското секојдневие.

Во текот на изминатиот век во зградата на компанијата „Стоун Стро“ се произведени милиони сламки. Денес зградата направена од жолта цигла е седиште на сообраќајната полиција. Единствениот знак за нејзината историја е дискретната спомен-плоча во чест на Марвин Стоун, изумителот на хартиените сламки.

Според легендата, Стоун ја добил идејата една вечер пиејќи го својот омилен коктел. Тогаш луѓето користеле природни сламки направени од исушени стебла плевел, но тоа не му се допаѓало на Стоун бидејќи му се менувал вкусот на пијалакот.

Затоа тој ја адаптирал постојната машина за производство на хартија за цигари и ја претворил во машина за хартиени сламки.

Патентот го пријавил во 1888 година. Во пријавата напишал дека целта му е да се создаде евтина и трајна замена за природните сламки. Другото е историја.

Како да се замени сламката?

Но речиси еден и пол век подоцна неговиот „неблагодарен“ град стана вториот поголем американски град, по Сиетл, што ќе ги забрани пластичните потомци на популарниот изум на Стоун. Забраната технички стапи во сила на први јануари, но корисниците, главно рестораните и баровите, добија рок до 1 јули за приспособување, но многумина не успеале да најдат замена.

Младиот угостител Кирк Френсис е еден од оние што си го поставуваат прашањето како да се испие милкшејк без пластична сламка. Тој размислувал за метални сламки, за биоразградливи или некој трет вид од материјал заснован на зеленчук. Сè се покажало како поскапо или како покревко од пластичните сламки.

Кирк додава дека на неговите клиенти не им е гајле за тоа.

- Тие сакаат сламка што добро функционира - вели тој.

slamki

Фото: Freepik

Сламките се неразделив дел од американската култура откако се воведени како метод за потиснување на ширењето на болестите во времето кога луѓето делеле иста шолја пиејќи вода од јавните чешми.

Друг Американец, Џозеф Фридман, го надградил изумот на Стоун пред 90 години и ги смислил флексибилните сламки.

Пластика на пластика

Сара Пенин, мајка на 5-годишната Лили, гледа како девојчето со помош на сламка пие сок од пластична чаша и пластично капаче.

- Без сламка би истурила сè. Забраната е воведена со добра намера, но што е со децата или инвалидите - прашува таа.

Колин Одел седи со своето куче на балкон и со помош на сламка пие сок. Тој смета дека забраната ќе го намали нивото на пластичен отпад во океаните. Според него, во Вашингтон има многу помалку пластични сламки, но тоа не е случај во другите делови од земјата.

Фото: Freepik