Што вклучува едно ноќевање од 100.000 долари на остров на Малдиви?

Што вклучува едно ноќевање од 100.000 долари на остров на Малдиви?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сонувате да имате сопствена приватна вила на Малдиви? А што велите за цел остров? Одморалиштето „Анантара Дигу Малдивс“, сместено во средината на Индискиот Океан, нуди одличен пакет за секој што сака да резервира приватен остров само за себе.

Одморалиштето има 110 луксузни апартмани и вили и сите може да бидат ваши за 100.000 долари од ден. Секако, може да ги поканите и пријателите и семејството доколку сакате да ги поделите трошоците.


Фото: Anantara

Пакетот вклучува ексклузивно користење на островот, но и 30-минутен превоз до меѓународниот аеродром, појадок, пристап до локации во одморалиштето „Анантара Вели“ во близина или до друг приватен остров, доктор кој е достапен 24/7 и разни други активности. На островот има ресторани со прекрасен поглед, а може да имате и активности како сурфање, нуркање, кајакарење итн.


Фото: Anantara

Доколку сакате да останете на копното, може да уживате во базените во одморалиштето, да ја посетите сауната, да вежбате во фитнес-центарот, да играте тенис, да вежбате јога и медитација, да имате час по готвење или само да лежите на плажата и да се сончате. Одморалиштето има и кино на отворено, значи може да гледате филмови под ѕвездите.


Фото: Anantara

За оние што бараат авантура, островот нуди крстосување на зајдисонце, екскурзии со делфини, риболов и нуркање. Во одморалиштето има и активности за најмалите, како игралиште, часови за готвење за деца и забавни активности за рекреација. Има и дадилки, доколку ви се потребни.

За да го добиете пакетот, треба да резервирате најмалку три ноќевања, а нема ограничување за бројот на гостите.

Автор: Андреа Романо
Извор: travelandleisure.com